Валоризацијата на куќите во штипско Ново Село во завршна фаза

31

Штипскиот Музеј до крајот на годината треба да ја заврши валоризацијата на старата штипска населба Ново Село.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов за МИА појаснува дека валоризацијата ќе значи заштитата на автентичната староградска архитектира и да се вклопи и во Деталниот урбанистички план(ДУП), како и во  Генерален урбанистички план(ГУП).

– Сите куќи што се заштитени,односно Ново Село е заштитен како целина и сите куќи, целата населба се става под заштита и сите куќи кои со текот на времето ќе се реконструираат, секој објект, којшто ќе се прави ќе ја има онаа потребна заштита и ќе биде вклопен во урбанистичкиот план, вели Штерјов.

Појаснува дека со валоризацијата ќе се знае секоја куќа колку може да чини, до каде може да се изгради, колку може да се реконструира, потоа  да се и креваат  спратови или како и да се заштитуваат фасадите.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека жали што општината не ги прафитила средствата од европската банка за изградба на четирите куќи во Музеј.

Најавува дека ќе се бараат средства повторно од Европските фондови и Програмата за меѓугранична соработка.

– Имаме стратегија и план, во наредниот период да аплицираме до европските фондови, но исто така и можност за финансирање од страна на Општина Штип, од страна на приватните лица во чија сопственост се дел од овие куќи, за да го вратиме стариот сјај и автентичноста на овој дел од градот, вели Јорданов.

Голем дел од куќите во штипско Ново Село чекаат на санација, а некои од нив пополека и самите се уриваат. Оваа стара штипска населба е дел од македонската историја, а за сопствениците на старите куќи пишуваат историчарите и штипските хроничари.