Бутелчани сакаат нова поликлиника, на доктор одат во стара руинирана амбуланта

235

Тие бараат од градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски да го исполни ветувањето, бидејќи велат дека во 21 век е недозволиво да немаат каде да ги извршуваат основните здравствени потреби, особено во овој период на светска здравствена пандемија. Смилевски за весникот ВЕЧЕР изјави дека во Деталниот урбанистички план е исцртана маркичка за поликлиника и очекува таа да почне да се гради до април, мај наредната година

 

Иницијативниот одбор „За добро на општина Бутел“ в сабота во 11 часот организира мирни протести бидејќи, како што велат, не е одржано ветувањето на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски дека ќе се изгради нова поликлиника. Тие и претходно барале одговор од градоначалникот Смилевски кога ќе го реализира ветеното, но, како што велат, добиле само еден игнорантски и понижувачки однос!

– Градоначалникот на општина Бутел изминативе денови гостуваше на националниот канал каде говореше за сè само не за најголемите проблеми на Бутел и бутелчани. Не смогна сили ниту да ја спомене, ниту да каже нешто за ветената поликлиника, која патем самиот ја ветуваше изминативе години – потенцираат од Иницијативниот одбор „За добро на општина Бутел“.

Тие додаваат дека општина Бутел е единствената градска општина на територија на градот Скопје што нема своја поликлиника, иако таа брои над 50.000 жители, што според нив, доволно говори каков голем проблем е ова, во 21 век да немаат каде да ги извршуваат основните здравствени потреби, особено во овој период на светска здравствена пандемија.

– Моментално единствено функционира старата и руинирана амбуланта која едвај се држи да не се распадне, катастрофа која никако не приличи на ова модерно време на живеење – потенцираат од Иницијативниот одбор.

Оттаму најавуваат дека ова нема да биде прв и единствен протест преку кој ќе го кренат нивниот глас да се слушнат потребите. Сметаат дека Бутел заслужува еднакви услови како и сите други општини на територијата на град Скопје.

Градоначалникот Смилевски за весникот ВЕЧЕР изјави дека се единствената општина во земјава каде во изминативе години на нејзина територија не била вцртана амбуланта, а камо ли поликлиника.

– Во 2015 година каде што е сега постојната амбуланта речиси до оградата на општинската зграда, приоритет на претходната власт им било да цртаат згради, а не амбуланта или поликлиника. Во моментов, тој дел од Деталниот урбанистички план го поделивме на два блока и е исцртана поликлиника. ДУП-от е даден во Град Скопје, на мислење и одобрување. Очекувам до крајот на неделата од Градот да ни биде вратен со позитивно мислење, по што ќе го доставиме до Министерството за транспорт и врски на мислење и одобрување – објасни Смилевски.

Тој се надева дека за еден месец ќе биде готов ДУП-от и потоа Општината ќе аплицира во Владата за изградба на поликлиника.

– Ние уште пред изборите имаме одобрение од Владата, но сега тоа само треба да се потврди. Се надевам дека до април, мај наредната година ќе почнеме со градба на поликлиниката – најави Смилевски и најави дека во меѓувреме бараат нови простории каде би се сместила амбулантата додека не се изгради нова.

Инаку, старата амбуланта е изграден во 1964 година, а била реконструирана еднаш пред 20 години.

(А.П.)