„Соломон, јас те надминав“, според некои историски извори, биле зборовите на императорот на Источното Римско царство, откако завршила изградбата на црквата Аја Софија во Константинопол. На темелите на стара црква што изгорела во пожар, Јустинијан решил да изгради нова црква, чија изградба траела од 532 до 537 година, и истата била доверена на Антемиј од Трал и Исидор од Милет. Според некои записи на нејзината изградба работеле околу 10.000 луѓе, а била  изградена за само пет години иако се работи за огромна градба…

Величествениот храм Аја Софија, симболот на историјата на Константинопол, но и на модерната Турција и Истанбул, кој низ историјата беше црква, стана џамија и беше прогласен за музеј, деновиве е во фокусот на светската јавност по контроверзната одлука на турските власти повторно да му биде вратен статусот на џамија. Ваквата одлука предизвика низа реакции во светот, како и во УНЕСКО, светската организација за заштита на културното богатство, под чија капа Аја Софија се наоѓа од 1985 година. Историјата на Аја Софија е долга и бурна, а на нејзината убавина и грандиозност ѝ се восхитувал секој посетител од изградбата па до денес…

„Соломон, јас те надминав“, според некои историски извори, биле зборовите на императорот на Источното Римско царство, откако завршила изградбата на црквата Аја Софија во Константинопол. На темелите на стара црква што изгорела во пожар, Јустинијан решил да изгради нова црква, чија изградба траела од 532 до 537 година, и истата била доверена на Антемиј од Трал и Исидор од Милет. Според некои записи на нејзината изградба работеле околу 10.000 луѓе, а била  изградена за само пет години иако се работи за огромна градба.

Архитектура

Зградата има три насади одделени со столбови. Средниот е најширок, речиси во вид на квадрат, има тристрана апсида на исток и е засводен со прекрасна купола што ѝ дава на зградата централен карактер. Главното оптоварување на куполата го носат четири сводови кои се издигаат на четири пиластри, додека галериите се наоѓаат над страничните насади. На запад се наоѓа двоен нартекс. Дијаметарот на куполата е малку повеќе од 30 метри, а изграден е од 40 радијално поставени ребра кои имаат прозорци на дното кои оставаат впечаток дека куполата лебди. Од западната и источната страна таа е „прифатена“ од полукуполи со ист дијаметар, кои понатаму продолжуваат со 4 помали куполи – ниши. За изградбата на Света Софија, материјалот бил донесен од сите делови на тогаш познатиот свет: порфир од Египет, зелен мермер од Тесалија, црн камен од регионот на Босфор и жолт камен од Сирија. Таа била империјална зграда, во која царот слушал литургија со својата свита, а служела и како место на крунисувањето и седиштето на Вселенскиот патријарх.

Аја Софија со векови била христијанска црква, сè до поделбата на христијанскиот свет. Таа поделба значеше и прва „трансформација“ за Аја Софија.

Бурна историја…

Големиот раскол или големата шизма се случила во 1054 година, а од тој најголем раскол во историјата на христијанството, кога Римокатоличката и Православната црква се разделиле, Света Софија станува грчка православна црква. Тој статус го носи сè до 1204 година, кога се случува првиот пад на Цариград (Константинопол) за време на Четвртата крстоносна војна, кога градот бил окупиран од Латинската империја, чии владетели, пак, ја претвориле црквата во католичка.

Со падот на градот, во византиската област се појавија три нови држави, наследници на Византиската империја: Никејската империја, Епирската деспотија и Трапезунската империја. Во сојуз со Џенова, владетелот на Никејската империја, Михаил, кој подоцна ја основал новата династија Палеологиј, во 1261 година го ослободил Цариград, а Аја Софија повторно станала грчка православна црква.

Речиси два века подоцна, во вторник, 29 мај 1453 година, се случил падот на Цариград. На тој ден, Византија официјално падна во рацете на Османлиите под водство на Мехмед Втори, а со тоа и црквата Света Софија.

Следуваше нова трансформација и нов живот. На Црквата на Светата мудрост (зборот „аја“ доаѓа од зборот “светец“ додека „софија“ од зборот “sophos“ што значи мудрост), ѝ беа додадени четири минариња, мозаиците и другите претстави на светците пак, биле покриени со гипс, и таа следните пет века била царска џамија.

Основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк го одобрил статусот на Аја Софија како музеј во 1934 година и таа станува симбол на секуларизмот, отворена за сите религии. Од 1935 година до денес, музејот Аја Софија е едно од најпосетуваните места во Турција. Внатре во музејот, може да се види колку Ajа Софија била и останува единствениот симбол на мирот и толеранцијата на двете најголеми религии во светот, едни кон други. Додека од една страна се христијански мозаици и фрески на sидовите, од друга страна се стихови од Коранот во куполата и калиграфска плакета со исламски имиња.

Но, на предлог на сегашниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, судот го поништи декретот од 1930-тите и е најавено дека веќе од 24 јули ќе започнат да се одржуваат молитви во џамијата Аја Софија.

„Духовнот живот“ на Света Софија

– Христијанска црква (537—1054 година),

– Грчка православна црква (1054-1204 година),

– Римокатоличка црква (1204—1261 година),

– Грчка православна црква (1261—1453 година),

– Империјална џамија (1453—1931 година),

– Музеј (1935—2020 година)

– Затворена заради претворање во џамија (2020 – )

Раскошна внатрешност

Аја Софија има огромна купола со дијаметар од 31,61 метар и висина од 55 м од основата. Таа е поддржана од шест помали куполи околу неа. Во античко римско време, меѓу градителите и иницијаторите на проектот владееше конкуренција за најголемите куполи во цркви и храмови. Куполите претставувале небо и вечност во римската култура. Оваа купола во Аја Софија наликува на онаа во Пантеон во Рим и е втора по големина во светот. Најголемата е сепак онаа лоцирана во црквата Санта Марија дел Фиоре, во Фиренца. Вкупната површина е 7570 метри, а должината е повеќе од 100 метри. Од 7 врати, најголемата ја користеле само императорот. Најдобро зачуваниот мозаик во рамките на Аја Софија се наоѓа на главната излезна врата. Оваа врата се нарекува и „порта на императорот“ затоа што византискиот император влегол таму во црквата. Мозаикот датира од 11 век, а на неа е прикажана Дева Марија која го држи Исус во раката, додека на нејзината десна страна е царот Константин кој ѝ го дава самиот град, а на левата страна е царот Јустинијан кој ѝ ја дава катедралата Аја Софија.