Бугарија над ЕУ- нова историја или вето за Македонија

Бугарија ќе се води според усвоената Декларација во парламентот и нема да ја промени позицијата во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, порача вчера бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов. Притисокот од некои земји членки на ЕУ, Ангелов го окарактеризира како проблем на Брисел, а не на Софија. Германија, пак, уште еднаш ја потврди поддршката за Македонија. Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн рече дека Берлин ќе направи сè што е можно Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседавање со Унијата

503
Последниот состанок за усогласување на преговарачката рамка треба да го одржи Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел, што се совпаѓа со одржувањето на самитот на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат Македонија и Бугарија. За истиот период во Софија е најавена и средбата на македонскиот премиер Зоран Заев со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, за која има високи очекувања дека ќе бидат надминати недоразбирањата. 

Во пресрет на 10 ноември, како краен датум за усвојување на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, сè понеизвесен е стартот на преговорите за членство на земјава со Унијата, поради заканата од бугарско вето. Бугарија не може да ја промени позицијата во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, затоа што веќе има Декларација во Парламентот и одлука на софиската Влада за тоа прашање, изјави вчера бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, по работниот појадок со македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи и германската амбасадорка Анке Холштајн во МНР. Во однос на притисокот од некои земји-членки на ЕУ врз Софија да не ја блокира Македонија, што го потврди и бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, Ангелов вели дека таквите ставови се проблем на Брисел, а не на Софија. Бугарскиот амбасадор вчера не сакаше да коментира дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава ако историчарите не успеат да постигнат договор по отворените прашања. Тој само рече дека вчерашната средба е фокусирана на Берлинскиот процес.

 -Бугарија не може да ја промени позицијата затоа што има декларација на парламентот и одлука на владата. Тоа што се говори во ЕУ внатре, тоа е проблем на ЕУ. Тоа е проблем на Брисел, не е наш проблем. Ние сега сме сконцентрирани да се заврши Берлинскиот процес, за да ѝ покажеме на ЕУ дека можеме заеднички да завршиме нешто, рече амбасадорот Ангелов.

Ангелов не одговори ниту каде Бугарија гледа територијални претензии од македонска страна со примената на краткото име на државата. Повторно се наврати на Берлинксиот процес.

-Имаме големи очекувања дека Берлинскиот процес ќе донесе приближување помеѓу администрациите на двете држави затоа што како копретседавачи очекуваме резултати од средбите на министрите за внатрешни работи преку министрите за социјална заштита, министрите за здравство и министрите за надворешни работи. Двете администрации требаше да работат заедно. Дојде ковидот и тоа ги помати плановите, но и покрај тоа сметам дека на крајот ние ќе успееме да постигнеме некакви резултати кои ќе бидат видливи и ќе придонесат за регионот и за неговото приближување кон ЕУ, рече Ангелов.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи рече дека Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи. Тој истакна дека прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих. Османи рече дека со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.

-Мислам дека оставањето на прашањата под тепих, не прави тие да исчезнат сами по себе туку само ги прави поголеми, ги акумулира и ги прави потешки за решавање во иднина. Апсолутно отворено, пријателски искажувајќи ги чувствителните работи од нашата страна во однос на отворените прашања, но слушајќи ги и останувајќи отворени и сензитивни за бугарската страна за сите прашања, сметам дека полесно ќе дојдеме до заедничко разбирање за сето она што ги засега односите. Јас сум оптимист. Сите сме свесни за влогот кој го имаме во овој процес, за важноста на процесот и фактот дека стратешки приоритет за двете држави е регионот да се движи кон ЕУ, рече Османи.

Во меѓувреме, вчера во Брисел се одржа втор состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за усвојување на преговарачката рамка за Македонија. На првиот состанок минатата недела ниедна земја членка на ЕУ не ја поддржала позицијата на Софија, но европските дипломати појаснија дека правото на вето во Унијата е неприкосновено и дека Бугарија, ако сака, може да го блокира усвојувањето на рамката.

Последниот состанок за усогласување на преговарачката рамка треба да го одржи Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел, што се совпаѓа со одржувањето на самитот на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат Македонија и Бугарија. За истиот период во Софија е најавена и средбата на македонскиот премиер Зоран Заев со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, за која има високи очекувања дека ќе бидат надминати недоразбирањата.

Покрај соочувањето со заканите за блокада од Софија, земјава е фокусирана и на подготовката за преговарачкиот процес кој ќе биде долг и на база на реверзибилност, како што бараше Франција. Сега Париз, заедно со Берлин важи за еден од најголемите поддржувачи за стартот на преговорите на ЕУ со Македонија, што беше потврдено и на средбата на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров со државниот секретар во француското министерство за Европа, Клеман Бон, како и со соговорниците вчера во францускиот Сенат. Димитров, заедно со Османи, изминатиот период се во дипломатска офанзива кај земјите членки на Унијата, со цел да се добие што поголема поддршка за Македонија и да се издејствува притисок врз Бугарија, за да се избегне блокадата од источниот сосед.

Германија не се откажува од меѓувладина конференција до крајот на годината

Германија ќе направи сè што е можно Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседавање со Унијата, порача вчера германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, уште еднаш потврдувајќи ја поддршката од Берлин за почеток на преговорите со Македонија. Холштајн потенцира дека тоа е во интерес на сите вклучени страни.

-Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Сè уште постои малку време. Во интерес е на сите вклучени тоа да се случи, вклучувајќи и ја Република Бугарија која отсекогаш била силен поддржувач за европеизација на целиот регион. Во интерес на Бугарија е да ја зачува оваа репутација како силен поддржувач на регионот и лично верувам дека тоа ќе се случи, изјави амбасадорката Холштајн и потенцираше дека ЕУ не треба да се меша во разлики помеѓу земја членка и земја кандидат за членство, туку билатералните прашања треба да се решаваат на билатерална основа.

Амбасадорката Холштајн одби да ги коментира најавите од опозицијата дека доколку дојде на власт би ги поништила сите евентуални договори со Бугарија во однос на недоразбирањата. (В.С.Н.)