Двете мечки заминаа во резерват во Швајцарија, а Бим и Бум ќе добијат пошироко живеалиште

63

Двете мечки, братот и сестрата Марко и Мартина, а сега со нови имиња, Сем и Џамила  кои имаат по 18 години, заминаа од Скопската зоолошка градина во преубавиот парк-резерват Ароса во Швајцарија.

Во живеалиштето за мечки до средата живееја четирите мечки во посебни делови. Бим и Бум во заеднички дел, а братот и сестрата во две посебни живеалишта. При тоа, како што информираат од Зоолошката градина не било возможно да се направи реконструкција на живеалиштата, ниту пак редовно да се средуваат поради тоа што немало начин, ниту простор да се спојат сите четири мечиња и затоа нашле решение. Имено, братот и сестрата да заминат во Ароса, а за Бим и Бум да се направи пошироко живеалиште, со што ќе добијат подобри услови за живеење.

-Во разговор со нашите соработници од FOUR PAWS, дојдовме до заедничко решение кое е хумано за сите четири мечки-братот и сестрата да заминат во преубавиот Ароса парк, а Бим и Бум да добијат три пати поголем простор и реновирано живеалиште по светски стандарди кое ќе го правиме со експертиза на FOUR PAWS и искуствата од нивните резервати за мечки кои ги имаат низ Европа – соопштија од Зоолошката градина и упатија благодарност до оваа најголема светска организација за заштита на животните за прекрасната соработка која ја имале изминатиот период, бидејќи процесот за транспортот на двете мечки, како што велат бил подолг, а нивниот и тимот на Зоолошката градина далеа се од себе мечките безбедно и здрави да пристигнат во Швајцарија.

– Работевме заедно деноноќно, сите среќни оти четирите мечки ќе имаат подобра иднина и поголема благосостојба – заклучија од Скопската зоолошка градина.

Инаку, живеалиштето за мечки во нашата зоолошка е едно од постарите, а мечињата кои живеат тука уште од мали се донесени овде бидејќи останале без мајки поради човечки фактор и недозволен лов. Во недостиг на резерват за мечки во државата, секогаш тимот на ЗОО Скопје пробувале да помогнат на што повеќе мечки, но градината нема доволно простор за сите.

(А.П.)