Босанскиот премиер Новалиќ и бизнисменот Станковиќ на црната листа на САД

55

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави му воведе санкции на премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, поради поткопување на демократските процеси, соопшти денеска Американската амбасада во Босна и Херцеговина.

На американската „црна листа“ се најдоа и бањалучкиот бизнисмен Слободан Станковиќ и неговата компанија „Интеграл Инжењеринг“ од Лакташ поради нивната поврзаност со лидерот на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик, кој претходно беше на црната листа.

„Во неделата пред изборите во 2018 година, Новалиќ ги искористи информациите за пензионерите добиени преку неговата официјална позиција за да испрати писма во кои ги набројува своите достигнувања и ветува дека ќе ги зголеми пензиите во земјата каде што прашањето за пензиите има силно политичко значење“, се наведува на веб-страницата на Министерството за финансии на САД.

Се додава дека тој е ставен на „црната листа“ поради директно и индиректно учество во акции или политики кои ги поткопуваат демократските процеси или институции во Западен Балкан.

„Соединетите Американски Држави ќе ги искористат сите средства што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние кои ги поткопуваат демократските процеси во Босна и Херцеговина или поддржуваат дестабилизирачки активности“, објави Американската амбасада во Босна и Херцеговина на својот Твитер профил.