Бомбашки напад во куќа на полицаец во Црна Гора: Убиен е еден напаѓач

388

Во огнена престрелка во вторникот, црногорската полиција го уби напаѓачот кој пукал во припадниците на полицијата за време на истрагата за бомбашкиот напад на куќата на полицаец во Подгорица.

Како што информираа од Црногорската полициска управа, во вторникот рано наутро биле фрлени две бомби во куќа на полицаец во населбата Коник во Подгорица, од кои едната експлодирала. Потоа следеше полициска истрага при која беа пронајдени двајца осомничени. При нивното легитимирање и обид за апсење, едно лице пукало кон полицијата.

„Полицијата идентификуваше двајца осомничени, од кои едниот отворил оган во правец на полициските службеници, по што тие употребиле огнено оружје, а Ф.К. тешко ранет беше пренесен за укажување лекарска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора, каде починал од здобиените повреди“, соопшти црногорската полиција, додавајќи дека вториот напаѓач е уапсен.

Во средината на август се случи трагедија во црногорскиот главен град Цетиње, кога напаѓачот Вук Бориловиќ ги убил станарите, сопругата и нејзините две деца, а потоа продолжил да пука кон соседите и припадниците на полицијата, при што загинале вкупно 11 лица.

По тој настан црногорската полиција беше критикувана во јавноста дека не можела да го неутрализира напаѓачот и се тврдеше дека тој е убиен од еден негов сограѓанин. Речиси два месеци по настанот, истрагата не покажа кој го убил Бориловиќ. Полицијата сѐ уште не ги објавила официјалните наоди од истрагата.