Боки: Кирацовски ни ја организираше првата средба со Силјан Мицевски

188

Проектот за изградба на станови не беше никаква измама или криминал туку реален проект. Како може да се помисли дека јас можам да го измамам еден Силјан Мицевски – истакна во своите воведни зборови, обвинетиот за случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски, односно Бојан 13. Како доказ, Јовановски го наведе фактот дека се слушнал со Мицевски на денот кога бил уапсен на граница. Ми рече „Бојанче, бидејќи така ме викаше, среќен пат и убаво да си поминеш“ – откри Боки 13.
Тој рече дека поддршка имал и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај експремиерот Зоран Заев. Првата средба со бизнисменот Мицевски ја организирал Александар Кирацовски и оти на 4 јануари бил потпишан меморандум со Општина Битола. На средбата имало неколку присутни лица.

„Беше градоначалничката Наташа Петровска, секретарот на општината кој лажно се претставуваше и едно лице од ПР службата“, рече Јовановски во своите воведни зборови.

На рочиштето за случајот „Меѓународен сојуз“, обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, изјави дека „Меѓународниот сојуз“ била невладина, а не хуманитарна организација под капата на Европската Унија.

“Ние всушност функциониравме како министерство за социјала, згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Никогаш не сме злоупотребиле буџет на Македонија, а парите кои подоцна се уплаќани на 1тв се легални“, рече Боки 13. Истакна дека останатите обвинети се обвинети за да се изврши притисок врз него. Тој додаде дека во тоа време бил симпатизер на СДСМ и на Шарената револуција.

Судијката го опомена да не зборува повеќе од 30 минути, додека, пак, Боки изјави оти смета дека ова судење е забава за народот и праша каде е обвинителката Вилма Рускоска.

„Ќе речете дека има обвинител со полномошно, но тоа е исто како јас да го пратам затворскиот цимер – ѝ се обрати Боки на судијката.

Во своите воведни зборови, првообвинетиот во случајот “Меѓународен сојуз”, Боки 13 рече дека не само обвинетата Фросина Ременски, туку дека и многу други лица биле дел од Меѓународниот сојуз и потпишувале договори.

„Јас тогаш бев симпатизер и граѓански активист на СДСМ и дел од Шарената револуција. Од тогаш започнуваат контактите со Ременски, сум имал контакти и со повисоки лица од партијата“, рече Бојан Јовановски.

Во однос на проектот, рече дека тој бил донесен во 2017 година, а потоа започнала и негова реализација. Идеен творец на проектот била пензионерката Лилјана Тодоровска, а таа била и дел од Собранието.

„Таа ги прими средствата од Силјан Мицевски. Потпишани се правни акти преддоговор, а потоа и договор со ГП Пелистер. Решавачки факти ќе бидат потпишаните договори кои ќе ги презентираме“, рече Боки 13 во своите воведни зборови.

Во доказната постапка ќе слушнете како Мила Царовска пензионерката со проектот ја упатува кон мене. А, бизнисменот Ардијан Амзовски, доколку не го видеше Александар Кирацовски, немаше да го прифати проектот – рече Боки.

Во случајот „Меѓународен сојуз“, освен Боки 13, се обвинети и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“. Според обвинението, тие ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку организацијата „Меѓународен сојуз“и ги оштетиле со повеќе од милион евра.