На свеченото отворање на 70. Интернационален филмски фестивал во Берлин, неколку минути пред проекцијата на филмот „Мојата година со Селинџер“, членовите на жири-комисијата со кое претседава славниот британски актер Џереми Ајронс, организаторите и сите учесници со едноминутно молчење одадоа почит на жртвите на нападот во Германија, кој се случи ден претходно

Со филмот „Мојата година со Селинџер“ на канадскиот режисер Филипе Фалардо, во кој една од главните улоги толкува познатата актерка Сигурни Вивер и во сенка на расистичкиот напад во Ханау, синоќа се отвори јубилејно 70. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин, познатото „Берлинале“, кое ќе трае до 1 март.

На свеченоста на отворањето на фестивалот, неколку минути пред проекцијата на филмот, членовите на жири-комисијата со кое претседава славниот британски актер Џереми Ајронс, организаторите и сите учесници со едноминутно молчење одадоа почит на жртвите во нападот во Германија, што се случи ден претходно. Во соопштение, фестивалот истакна дека тагува по повод немилите настани, се залага за толеранција, почитување и гостопримство, а остро се спротивставува на насилството и расизмот. „Ние сме многу тажни за она што се случи во Ханау. Нашите размислувања се со жртвите и нивните семејства“, рекоа организаторите на фестивалот. И канцеларката Ангела Меркел го критикуваше ‘отровот’ на расизмот, поврзувајќи го со други насилства на крајната десница во последните 20 години во земјата.

Инаку, 70. Берлинале е првото издание на уметничкиот директор Карло Чатријан, кој заедно со Мариета Рисенбек, извршната директорка на „Берлинале“ меѓу првите  прошетаа на фестивалскиот црвен килим. На црвениот килим се појави и екипата на „Мојата година со Селинџер“, меѓу кои режисерот Фалардо, како и актерите Сигурни Вивер, Маргарет Коли и Даглас Бут. Публиката од црвената патека ја поздравија и Даниел Брул, Хеик Макаш, Нуман Акар, Мерет Бекер, Себастијан Кох, Алмила Багријачик, Јана Паласк, Нина Хос, Фатих Акин, како и германската министерка за култура Моника Грутерс.

 

 

 

 

 

Како што е познато, „Берлинале“ годинава, кога мораше да го помести и датумот за своето одржување поради Оскарите, отвори со филм базиран на истоимените мемоари на новинарката и писателката Џоана Ракоф за познатиот американски писател Џером Дејвид Селинџер. „Мојата година со Селинџер“ ја следи младата поетеса Џоана (Маргарет Коли), која работи како асистентка на литературната агентка Маргарет (Сигурни Вејвер), а чија задача е да одговора на писмата на фановите на култниот автор Џ.Д. Селинџер.

„Филипе Фалардо го прикажува малиот литературен свет од 90-тите години со хумор и слатка нота, но не го заборава 21 век во кој живееме или обединувачката улога што уметноста ја има во/за нашите животи“, ќе истакне фестивалот за овој филм.

Инаку, во текот на фестивалот ќе бидат прикажани околу 350 филмови од целиот свет, од кои 18 се во конкуренција за „Златна мечка“, која ќе биде доделена на 1 март од седумчленото жири, во кое покрај Ајронс, се и Клебер Мендонка Фило, Лука Маринели, Береница Бејо, Бетина Брокемпер, Анамари Јацир и Кенет Лонерган. Во трка за „Златна мечка“, пак, се германско-холанскиот „Berlin Alexanderplatz“ од Бурхан Кубани, корејскиот „The Woman Who Ran“ на Хонг Сунгсо, француско-белгискиот „Delete History“ на Бено Делфин и Густав Кервен, аргентинско-мексиканскиот „The Intruder“ на Наталиа Мета, италијанско-швајцарскиот „Bad Tales“ на Дамјано и Фабио Д`иносенцо, американскиот „First Cow“ на Кели Ричардс, како и британскиот „The Roads Not Taken“ на Сали Потер.

На 27 февруари ќе ѝ биде врачена наградата „Златна мечка“ за животно дело на познатата актерка-оскаровка Хелен Мирен. Во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Кралицата“ од 2006 во режија на Стивен Фриерс. На 70. Берлински филмски фестивал, новата секција „Encounters” ќе ја отвори најновиот филм на романскиот режисер Кристи Пују – „Малмкрог“, во кој нашата земја има малцинско учество (македонски партнер во проектот е продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“).

За Агенцијата Франс-прес, иако фестивалот е гламурозен, сепак го има задржано „политичкиот ДНК“. „Берлиналето“ ќе биде посетено од Хилари Клинтон, која ќе учествува во дебата по документарната серија која ѝ е посветена токму неа, а за својот втор филм „Броеви“, инспириран од заточеништво доаѓа и украинскиот режисер Олег Сенцов кој пет години помина во затвор.