Белграѓани со овации за „ММЕ кој прв почна“ на тандемот Дуковски-Унковски

80

Белградската публика завчеравечер со овации ја награди премиерната изведба на претставата „ММЕ кој прв почна“ на проверениот македонски тандем Дејан Дуковски и Слободан Унковски. Доајените Предраг Мики Манојловиќ, Јасна Ѓуричиќ, Миријана Карановиќ и Бранислав Лечиќ ги оживеаја  ликовите на сцената на Југословенско драмско позориште заедно со младите: Јована Беловиќ, Пеѓа Марјановиќ, Ана Рудакијевиќ, Милош Лазиќ, Милош Лучиќ и Нина Перишиќ.

„Текстот е многу сложен и тежок да се работи, иако е навидум едноставен. Во ЈДП се здружи сериозен тим со амбиција да го направиме текстот видлив, препознатлив и да се воспостави врска со времето во кое живееме на еден софистициран начин, како и да го фатиме неискажливиот хаос што нè опкружува. Со ова, јас не мислам само на Србија и Македонија. Целта е да ги покажеме личните судбини како резултат на сето она што се случило во последните 20-30 години, што некако е вградено во нашето однесување, без разлика дали сме свесни за тоа или не, изјави режисерот Унковски за „Политика“, изразувајќи надеж дека направиле нешто што може да биде интересно, провокативно и длабоко емотивно за гледање и разбирање.

„Маме му е… кој прв почна “ по текст на Дејан Дуковски беше праизведена во Македонскиот народен театар во режија на Александар Поповски. Белградската публика имаше можност да ја гледа во 1997 на БИТЕФ.

„Текстот е создаден во време кога овој хаос беше очигледен, земјата се распаѓаше, сè беше видливо однадвор, кога ништо повеќе не беше свето и сè се уриваше. А, како после тоа распаѓање влијаеше врз некоја личност, како се одрази на љубовта, на меѓучовечките односи? Оваа претстава говори за тоа. Последиците од овој распад на сите вредности се гледаат во човечките односи, во самиот човек, во неговата душа“, изјави Бранислав Лечиќ, кој во претставата ги толкува ликовите на Кловн, Црниот Арапин, Икона и Шејтан.

Драматург на претставата е Јелена Миловиќ, која ја преведе драмата на Дуковски на српски јазик. Сценографи се Бранко Павиќ и Дејан Миљковиќ, костимограф е Лана Цвијановиќ, а композитор е Владимир Пејковиќ.