“И, сега, кога се работи, и посебно кога се работи за книгата на македонската почва, на македонски јазик, кога се работи за нашата книга, таа наша книга не само што го засведочува, не само што го меморира, ами во најголема мера го овозможила нашето културно и историско постоење, таа е тоа што памети и тоа што се памети, поврзувајќи ги често испрекинатите векови…“, напиша македонскиот писател и преведувач, Димитар Башевски во својата порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право

 

“Книгата се пробивала низ небиднините, низ војни, низ победи, но и порази, низ епидемии и забрани, и не ретко, низ спалувања на кладите. Така што сега, сред неволјата, книгата си наоѓа агол каде што ќе се засолни и, од зад затворениот прозорец, ја емитува својата духовна сила што поместува копна и големи води и сред „космичката осаменост…“ , истакна меѓудругото македонскиот писател и преведувач, Димитар Башевски во својата порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право. Како што вели “во време на ковид пандемија која еве, повеќе од една година, менува многу од она што беа нашите животи, писателите, издавачите, читателите, сите тие кои се најдиректно поврзани со книгата, во особенава ситуација мора да го прават она што е најсоодветно за да ја одражат нејзината слава“. Башевски истакнува дека историјата на книгата е историја на човекот, на човештвото воопшто…

“И, сега, кога се работи, и посебно кога се работи за книгата на македонската почва, на македонски јазик, кога се работи за нашата книга, таа наша книга не само што го засведочува, не само што го меморира, ами во најголема мера го овозможила нашето културно и историско постоење, таа е тоа што памети и тоа што се памети, поврзувајќи ги често испрекинатите векови. Таа стигнува, посебно со поетските и лингвистичките трудови на Блаже Конески, во чија слава ја посветуваме оваа 2021 година, да се интегрира во високите европски и светски вредности. Преку книгите на македонските писатели, и во оригинал, освен во превод, македонскиот јазик е присутен во библиотеките од Мексико до Австралија и од Русија до Египет и Јапонија. Така значи, македонскиот јазик и македонската книга е под сонцето што ги грее сите, како што, како аргумент, го кажуваше Кирил, кој заедо со Методија, ја биеше битката за словенскиот јазик. На ваквата основа е создадена и Конвенцијата на УНЕСКО за постоењето и слободата на различните јазици и култури“, истакнува во пораката Башевски. Тој исто така додава дека во овие денови што ги живееме во пандемија, библиотеките ја имаат посебната улога, со книгите што ги чуваат, да ја исполнат осамата со духовни, трајни вредности, место со дневни тривијални нешта…

Светскиот ден на книгата и авторското право е прогласен од УНЕСКО и се празнува од 1995 година.