Барајте отштета доколку во автобус на ЈСП се повредите поради невнимание и вина на возачот!

1039

Патниците, кои возејќи се во автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) и при тоа сериозно се повредат по вина на возачот, при нагло кочење или предвреме затворање на вратите, кога сите патници сè уште не се симнале од автобусот, можат да побараат отштета.

Од претпријатието велат дека случајот, односно незгодата треба да се пријави во внатрешна контрола на ЈСП, односно во МВР, а тоа е основа, патникот при незгода во автобус да побара отштетување за здобиената повреда, а потоа, согласно законската процедура, се отвора постапка за барање отштета. Висината на отштетата, зависи од видот, природата и тежината на повредата, односно од последиците.

Ги прашавме во ЈСП колку граѓаните се запознаени со оваа можност и дали досега имало исплата на отштета на повреден(и) патник(ци). Оттаму за весникот ВЕЧЕР одговорија дека годинава до нив немало пристигнато ниту едно отштетно побарување патник повреден при користење на јавен превоз.

– Во текот на 2019 година беа исплатени двајца патници кои се здобиле со повреда при незгода користејќи го превозот. Еден патник доби отштета во висина од 450.000 денари за незгода која се случила во 2016 година, додека на друг му исплативме 110.000 денари за незгода која се случила во 2017 година. Во постапка се уште три предмети за побарување на отштета од страна на патници за незгоди кои се случиле во 2017, односно 2018 година. Предметите сè уште се во процедура – потенцираат од ЈСП не прецизирајќи за какви повреди станува збор.

Оттаму појаснуваат дека сите корисници на јавниот превоз на ЈСП – Скопје се осигурени од последици на несреќен случај.

– Законот налага, сопствениците, односно корисниците на превозни средства регистрирани за јавен превоз да имаат договор со друштво за осигурување на патници од последици на несреќен случај – потенцираат од ЈСП.

(А.П.)