Ајде на Вело фиеста – пет дена дружење и забава за скопјани!

318

Град Скопје и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2019 и за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење.

Од утре до 22 септември Град Скопје ќе организира разновидна програма која ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.

Во текот на наредните денови ќе се организираат работилници и трибини посветени на активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени.

– Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри. Во четврток попладне, пак, улицата “Димитрија Чуповски“ ќе биде затворена за сообраќај, а на коловозот ќе се организира Вело фиеста – дружење и забава за граѓаните. Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици е закажано за во петок – велат од Град Скопје.

Европската недела на мобилност има за цел да ја поттикне мобилноста на жителите на европските градови и да ги мобилизира градските власти и институциите да размислуваат, планираат и работат што повеќе да се користи алтернативниот превоз, а во истовреме да ја подигнат јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.