Токму тоа го нуди спортската облека

Мирјана Милановска, позната под нејзиното уметничко име Ayana (Ајана), честопати е нарекувана синоока убавица. Но, секако дека е така кога има преубави сини очи, а секогаш доминира со својот индивидуален префинет стил. Од друга страна неизоставен дел е и вокалната способност, но и тоа што песните секогаш се нејзини дела. Таа за ВЕЧЕР ни откри како се облекува кога не е на сцена, како секогаш успева да е во топ форма и што мисли за пластичните операции кои станаа секојдневие на денешницава.

Гледајќи ја Ајана во спотовите може да забележиме дека таа секогаш е во спортска облека, но дали е тоа така и во нејзиниот приватен живот еве што ни рече таа:

– Се разбира и приватно преферирам спортска облека. Совршен спој на урбано и удобно е секогаш мојот избор. Токму тоа го нуди спортската облека.

Бидејќи си има среќа и без диети секогаш е во топ форма.

– Искрено, навистина имам среќа што спаѓам во групата на луѓе кои одржуваат постојана форма без многу напрегање. Освен некој џогинг повремено, не инвестирам многу во тоа. Ниту пак држам некои диети, додава траперката.

Што се однесува до модниот тренд кој го применуваат и познатите личности, но и  останатата толпа, Ајана смета дека секој на свој начин е убав и дека не е поддржувач на пластични операции.

– Сметам дека генетскиот диверзитет и уникатноста која секој од нас ја поседува е нешто што треба да се чува и негува, а не да се стреми кон совршенство кое знаеме дека не постои. Па, така, јас не сум за било какви хируршки естетски зафати, вели пејачката.

 

Дали и со „Топ на листа“ Ајана ќе биде прва на нашите топ листи?

Но, сега Ајана издаде и нова песна за која деновиве излезе и видеозапис. За песната младата пејачка е автор и на текстот и на музиката. Аранжманот, битот и мастерингот се на Иван Јованов – Ивајо, додека пак видеоспотот го изработи режисерот Гордан Божиновски – God Eye Production. Снимањето на спотот се пролонгирал поради целата ситуација во државата, но по одредена пауза се досними и вториот дел од спотот. Спотот е снимен  на две локации во Скопје и во една теретана. А, бидејќи песната е нејзино дело таа вели дека истата е одраз на нејзината посветеност и упорност.

– „Топ на листа“ е отсликување на мојата посветеност и упорност, се разбира украсена со палета од сленгови. Воедно прва од многуте планирани проекти од трап жанрот, вели Ајана.

Во трап-звуците на најновата, но и на нејзината претходна песна „Не ме моли“, која е прва на топ листите, можете да уживате на јутјуб-каналот на Urban Records.   (М.А)