Македонската женска кошаркарска репрезентација го претрпи четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2023 откако загуби на домашен терен од фаворитот Германија со 47:71, иако имаше полувреме за паметење.

„Црвено-жолтите“ девојки ги одиграа своите најдобри 20-25 минути во квалификациите за ЕП, но ниту тоа не беше доволно да дојдат до сензационален резултат. По првото полувреме, Македонија водеше со 35:27, а во последните две четвртини успеа да постигне само 12 поени, а да прими 44. Германија беше особено доминантна во последниот квартал, кога запиша 25 коша, а прими само три поени.

За тоа зборуваше и селекторот Александар Ашаданов, кој е задоволен од изданието на своите избранички и покрај убедливиот пораз.

  • Ќе упатам најголема честитка до моите девојки, кои се издигнаа и покажаа дека можат да играат против најдобрите во светот. Гледам голем квалитет во нашиот тим. Знам дека можат, можеби проблем е кратката ротација, која не ни дозволува да играме во ист ритам во текот на сите 40 минути. Противниците се малку поподготвени бидејќи се навикнати да играат среда-сабота. Тоа се виде во последната четвртина, кога ја загубивме силата и постигнавме три, а примивме 25 поени – изјави Ашаданов.

Најефикасна во нашата репрезентација беше Американката Хемпе со 20 поени, додека на спротивната страна прво име беше Фигих со 23 коша.

На табелата во групата А води Белгија со седум бода, колку што има и Германија, шест има Босна и Херцеговина на третата позиција, а на дното останува Македонија со четири, односно без ниту една победа.