АСОМ: Законски измени ќе ги затворат обложувалниците и ќе остават без работа 8.000 луѓе

Клуч на врата на сите обложувалници ако се донесат измените на Законот за игрите на среќа со кој обложувалниците треба да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата и високообразобните институции. За Асоцијацијата на спортски обложувалници измените се неприфатливи, бидејќи на овој начин ќе се затвори целата индустрија, 8.0000 вработени ќе останат без работа, а ќе се зголеми и нелегално обложување и сивата економија

1930

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) реагираше на измените на Законот за игрите на среќа кој кој беше објавен на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР). Од АСОМ информираат дека овие законски измени ќе доведат до целосно затворање на индустријата, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет.

– Ставот на АСОМ по однос на измените за оддалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив и на нив силно се спротивставуваме. Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа, изјави Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Од АСОМ сметаат дека ваквото законско решение широко ќе го отвори патот на сивата економија и нелегалното обложување затоа што затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето – играчите ќе бараат алтернативни начини и обложувањето ќе се префли на нелегални локации. На тој начин, според АСОМ, државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците.

АСОМ реагира и поради тоа што со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и предупредува дека ќе има сериозни домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.

Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во земјава и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите.

-Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата ризикува да ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, а тое се повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. Зошто се покачуваат даноци, ако практично планот е да се затворат објектите и кој би бил економскиот ефект од тоа. Сметаме дека предлог законот е направен без никакви економски и пазарни анализи и дека ќе има многу сериозни импликации врз државната економија, која и онака е силно погодена и дестабилизирана од ковид кризата, истакна Илијевски и ја повика Владата и Министерството за финансии сериозно да размислат дали ваков закон оди во прилог на јакнење на кревката економија и намалување на стапката на невработеност.