Со пандемијата и придружната економска рецесија, 2020 година не одеше најсреќно за човештвото. Светот на археологијата исто така ги почувствува ефектите, бидејќи бројни ископувања беа откажани или ограничени. И покрај тешката година, во Македонија и во светот на виделина излегоа многу археолошки откритија, вклучувајќи гробна архитектура и накит од 3 век пр. н. е. откриени на Гимбабица, десетина средновековни населби во струмичко…, но и повеќе од 100 пронајдени мумии во Египет, гробот на легендарниот Ромул и многу повеќе…

Импресивна гробна архитектура од 3 век пр. н. е. на Гимбабица, нови археолошки локалитети и наоди на источниот брег од Охридското Езеро, десетина средновековни населби во Струмичко, но и повеќе од 100 пронајдени мумии, гробот на легендарниот Ромул… се само дел од археолошките откритија кои во 2020 во услови на пандемија излегоа на виделина, а кои се од големо значење за човештвото. Како што посочува Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културно наследство, во Македонија минатата година археолозите излегле на терен со сите почитувања на мерки.

„Направени се истражувања со средства доделени од Министерството за култура. Имаше отркритија, но помалку имавме инспекциски надзор поради пандемијата и излегувања на терен поврзани со археологијата. Се придржувавме до она што е неопходно и каде имаше узурпации, кражби, дивоградби и криминални дејствија… Инаку, на цело ова поднебје има напластено историја, така што каде и да се копне се наоѓа нешто. Можеби единствено ни недостасува крајниот момент каде треба да направиме детални истражувања, па да се презентира пронајденото, а на крајот и да се изврши презентација на цели локалитети и тие да се стават во некаква функција, но на добар пат сме да го направиме тоа“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Костов.

Гроб на великодостојник од 3. век. п.н.е.

И додека се чека од Министерството да ја објави годишната програма за 2021 кога ќе се знае за кои истражувања се одобрени средства, да потсетиме дека во 2020 во Македонија имаше повеќе откритија. Едно од нив е импресивната гробна архитектура од 3 век пр. н. е. откриени на Гимбабица. Од Археолошкиот музеј, посочија дека покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и погребните обичаи откриено е и исклучително погребување на машки покојник. Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата за весникот „ВЕЧЕР“ посочи дека до сега на територијата на државата се откривани покојници од тој период, но никогаш на рака не носеле по два, туку по еден прстен, што укажува на тоа дека се работи за лице кое веројатно имало посебно место во општествениот живот во овој регион. Минатата година се откриени и мапирани нови археолошки локалитети на источниот брег од Охридското Езеро, кај селата Пештани и Трпејца, како и во околината на локалитетот „Плоча Миќов град“. Раководител на проектот, археологот и виш кустос Бојан Танески појаснува дека во првиот случај станува збор за три фрагментирани керамички садови за складишна употреба – питоси, а во вториот градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип. Во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. Откритието ќе ја надополни сликата за животот во овој крајбрежен појас од праисторијата до денес.

Средновековни населби во Струмичко

Во Струмичко, пак, во мај минатата година се откриени десетина средновековни населби. Според археологот, д-р Душко Цветанов податоците за овие исчезнати населби ги добиле од достапните историски извори, односно од повелбите на светогорските манастири Иверион, Хиландар и Пантелејмон, како и од турските пописни тефтери. „Успеавме да откриеме десетина нови археолошки локалитети, кои не се познати за стручната јавност. Тие не се евидентирани во археолошката карта на Република Македонија“, истакнува Цветанов. Меѓу нив се изгубените населби: селото Превалец во близина на денешното Рич, Рајанци кај браната Турија, Искреник кај селото Сушица, Пот во влизина на селото Габрово и други.

Во близина на струмичкото село Костурино откриена е и една од најстарите праисториски населби во Македонија, но и поширокиот регион. Населбата е стара околу 8000 години и датира од периодот на раниот неолит. Според археолозите, се работи за многу значајно откритие со кое некои дилеми поврзани со периодот на неолитот на централен Балкан, но и во Европа стануваат многу појасни.

„Населбата била кружно организирана, а податоците сега покажуваат дека во центарот најверојатно се наоѓала стоката. Локалитетот е посебен по тоа што претставува една од главните алки во неолитизацијата на централниот Балкан, од оној анадолско балкански комплекс”, посочува археологот Зоран Рујак.

И при палеолитските истражувања во пештерата Голема Пешт кај с. Здуње, бројот на наодите беше богат и со кварцни артефакти и со фосилни животински коски. Материјалот припаѓа на неандерталскиот род и датира од 85.000 години пр.н.е. Меѓу бројните примероци куриозитет е откриената групација од 4 еленски заби со вилица, кварцни, животински фосилни артефакти и јагленчиња околу нив…

Гробница на Ромул

 

И во светот имаше бројни откритија, а меѓу позначајните се повеќе од 100 запечатени ковчези со мумии кои се пронајдени во Сакара (некропола на Мемфис, главен град на древниот Египет). Гробниците честопати биле ограбувани и во античко и во модерно време, па извонредно откритие е да се пронајдат толку многу запечатени ковчези со мумии. Бројни артефакти се пронајдени во ковчезите, вклучувајќи 40 статуи на кои е прикажан Птах, богот на Мемфис и Сокер кој бил бог на Сакара. Сите откритија се од 712 година пр.н.е. и 30 г.пр.н.е.

Особено значајно откритие во февруари 2020 е гробницата на Ромул. Според легендата, Ромул го основал Рим во осмиот век пр. н.е. Тој и неговиот брат Ремус биле наводно напуштени како доенчиња и воспитани од волчица. Кога достигнале зрелост, браќата започнале спор на кој рид треба да се гради Рим, а Ромул го убил Ремус. Денес, повеќето историчари ја сметаат приказната за митолошка, сепак, античките Римјани ја сфатиле сериозно и го ставиле неговиот гроб под домот на Сенатот. Во внатрешноста на гробницата, археолозите пронашле празен саркофаг долг 1,4 метри направен од лесен вулкански камен што бил изваден од ридот Капитолин под Римскиот форум.

Меѓународен тим истражувачи ја открил и потенцијално најстарата и најголемата градба изградена од античката цивилизација на Маите во џунглата во југоисточно Мексико. Зградата, која потсетува на вештачка висорамнина (плато) и за која се верува дека е изградена околу илјада години пред новата ера, е долга околу 1.400 метри, широка 400 метри и висока 10 до 15 метри. Мала скулптура стара 13.500 години од изгорена коска откриена во Лингџинг може да се каже дека е најраниот тродимензионален уметнички предмет пронајден во Источна Азија. Илјадници слики нацртани за време на последното ледено доба, пак, беа пронајдени во дождовната шума Амазон. Во 2020, археолозите објавија и откривање на уметност од ледено доба, која датира од пред 11.800 до 12.600 години. Сликите вклучуваат прикази на мастодони, џиновски мрзливци и други изумрени ѕверови што живееле во тоа време… (Д.Т.)