Арборетумите во Словенија и во Хрватска се велелепни паркови, нашиот кај Трубарево е џунгла

232

Арборетумите се локации заштитени од државата бидејќи во нив се насадени ретки видови дрвја и друга дендрофлора. Во Словенија и во Хрватска, ваквите места се претворени во убави паркови и градини за шетање и за релаксација. Нашиот арборетум кај Трубарево, кој е ретка природна убавина, е оставен на негрижата, да пропаѓа, иако во него се насадени околу 642 вида од нашата автохтона дендрофлора и од сите континенти, особено од Европа, Азија и од Северна Америка

Од споменик на природата во заборавен споменик на негрижата. Арборетумот во Општина Гази Баба, во близина на скопското село Трубарево, е пример како нешто грижливо формирано и одржувано со децении, во денешното раскрчмено општество станува рефлексија на истото, запуштено и предмет на грабање. Оформен во 1953 година од Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје за научни истражувања и настава во природа, во него се насадени околу 642 вида од нашата автохтона дендрофлора и од сите континенти, особено од Европа, Азија и од Северна Америка, на површина од 3,3 хектари.

Освен за настава, во Арборетумот се вршени и набљудувања на реакцијата на одделни видови во еколошките услови: отпорност кон зимски мразеви и летни суши, појава на фито и зоопаразити, плодоносење, вегетативно размножување и др. Непосредно до Арборетумот се подигнати насади од разни клонови на тополи, на површина од 24,5 хектари. На нив се вршени мерења на растежот и продуктивноста на дрвната маса. Во 1965 година, Арборетумот е прогласен за споменик на природата и културата.

Денеска, тој е во очајна состојба. Се сечат ретки дрвја и бамбус затоа што нема никој да го заштити ова ретко природно богатство што го имаме во близина на главниот град на државата. Арборетумот се наоѓа помеѓу два споменика на природата, локалитетот Острово, кој е остаток од поранешниот остров на Вардар, и локалитетот Езерце.

– Наместо да се наплаќа влез во овие локалитети, наместо промоција на ретките убавини што ги има Гази Баба, оваа ретка природна убавина е оставена да се уништува – реагираат екологисти.

За разлика откај нас, кои не знаеме да го цениме и да го чуваме она што го имаме, во Словенија и во Хрватска ваквите места каде што природата и човекот заедно створиле рајска убавина, се едни од најпосетените. Арборетумот „Волчји поток“ недалеку од Блед, Словенија, се простира на километри земја, на местото на стара аристократска палата. Овој имот, секако, имал и замок, кој бил разнесен за време на Втората светска војна. Сопственикот на имотот немал наследници и денес е во сопственост на Универзитетот во Љубљана.

За да може да го почувствувате шармот на ова колоритно место, потребен ви е барем цел ден. На билетарницата има бесплатни мапи на областа и може да изберете дали да погледнете во француската или во англиската градина, дали да го посетите расадникот за пеперутки или за орхидеи или среќно да шетате покрај непознатите растителни видови. За оние што не може да пешачат, на располагање е туристички воз целиот „облечен“ со цвеќиња. Во бледскиот Арборетум се организираат филмски вечери на тазе искосените парковски површини.

Во Хрватска, пак, на 19 километри северозападно од Дубровник е Арборетумот „Трстено“, основан во 1948 година, на просторот на ренесансен летниковец со градина, на имот кој од крајот на 14 век бил во сопственост на благородничкото семејство Гучетиќ-Годзе. Во 1949 година бил заштитен со закон, како споменик на природата. Се простира на површини од приближно 25 хектари и на тој простор обединува неколку целини: ренесансен парк со летниковец, неоромантичарски парк од крајот на 19 и почетокот на 20 век, стар маслинарник и природна растителност од шуми и макии, со крајбрежни карпи.

Во рамките на комплексот на Арборетумот, освен летниковец, се наоѓаат и капелата „Свети Јероним“ од 17 век, стара преса за маслинки, аквадукт од 15 век и барокна фонтана со Нептун и нимфите, изградена во 1736 година. Заедно со богатиот растителен фонд, кој го сочинуваат 465 одгледувани и 510 самоникнати видови, Арборетумот „Трстено“ на единствен начин ги соединува природното и културното наследство. Надлежност над него денес има Хрватската академија на науките и уметностите.

(С.Бл.)