Ангелова: Бидете храбри и кажете дека сте жртва на насилство

154

Сопругата на бугарскиот амбасадор во Македонија, Билјана Ангелова, целосно се вложи во организација на една широка кампања со наслов: „СТОП на семејното насилство! Биди храбра“. Кампањата нема да има краткорочен здив туку таа е замислена како долгорочна акција. В недела, на 12 декември, во 12 часот во Скопје на плоштад „Македонија“ и на плоштадите во другите градови низ земјава кои изразија желба да се вклучат во кампањата ќе се организираат собири на кои треба тивко да ја покажат поддршката на жените. В петок ќе се организира првата обука за деца и млади на возраст од 15 до 18 година каде ќе им се објаснат нивните права и каде да побараат помош доколку им е потребна, вели Ангелова за весникот ВЕЧЕР

Зголемениот број на жени – жртви на семејно насилство за време на пандемијата со ковид-19, но имајќи го предвид и бројот на деца и млади кои живеат во семејства каде се случува насилство ја поттикнало сопругата на бугарскиот амбасадор во Македонија, Билјана Ангелова целосно да се вложи во организација на една широка кампања со наслов: „СТОП на семејното насилство! Биди храбра“. Кампањата нема да има краткорочен здив туку таа е замислена како долгорочна акција. В недела, на 12 декември, во 12 часот во Скопје на плоштад „Македонија“ и на плоштадите во другите градови низ земјава кои изразија желба да се вклучат во кампањата ќе се организираат собири кои треба тивко да ја покажат поддршката на жените.

 -Во Бугарија секоја четврта жена е жртва на семејно насилство, додека овде во Македонија тоа е секоја трета, пред пандемијата, по што бројот се зголеми. Она што сметам дека е потребно тоа е дека жените треба да бидат храбри и да кажат без страв дека се жртви на насилство. Затоа и го одбрав мотото на кампањата „Биди храбра“ – вели Ангелова.

Смета дека стравот и срамот жените да ги споделат своите проблеми е поизразен во помалите градови бидејќи луѓето повеќе се познаваат меѓусебно и лесно се дознава за секого. Кампањата, како што вели таа за весникот ВЕЧЕР, ја започнала пред два месеца, во септември и нагласува дека се разликува од останатите, бидејќи не завршува со 16 дена активизам.

-Многу битно е да се оди напред, бидејќи семејното насилство се случува 365 дена дена, 24 часа во годината – истакнува Ангелова.

Смета дека во државава има добри закони кои го регулираат семејното насилство, но, како што вели таа според заклучокот од конференцијата „Жената како жртва на насилство, механизми за помош и заштита од институциите“, за жал нивната имплементација не се одвива како што треба.

Проблем според Ангелова, но и став од конференцијата е дека жените или од срам или од страв не сакаат да пријават дека се жртви на семејно насилство. Затоа, вели таа децата уште од мали треба да ги знаат нивните права и да знаат каде да побараат помош.

-В петок ќе се организира првата обука за деца и млади од 15 до 18 година, во рамките на која ќе им се објаснат нивните права и каде можат да побараат помош доколку им е потребна. Тоа е само почеток на повеќе обуки кои ќе се организираат во иднина за новите млади генерации. Сметам дека оваа возраст е најпогодна, бидејќи тогаш се раѓаат првите љубови, но и дека тоа е возраст кога тие треба да знаат кои се првите чекори на домашното насилство и како да го препознаат – објаснува Ангелова.

Таа наведе пример за семејното насилство.

-Пред една недела девојка се запознава со преубаво момче. Кога повторно се среќаваат тој и го проверува телефонот со кого таа разговарала. Кога девојката е на средба со пријатели тој бара видеоврска за да види со кого е, каде е и прашува кога ќе се врати дома. Тоа се првите чекори кои потоа можат да преминат во забрана таа да се гледа со пријатели, па дури и со нејзиното семејство – објаснува Ангелова.

Потенцира дека тоа се искуства од луѓе што таа ги сретнала во животот и ја инспирирале да започне една ваква кампања зашто семејното насилство не разликува социјален статус.

-Луѓето мислат дека семејното насилство е присутно кај посиромашните, но тоа не е така –децидна е Ангелова.  Нагласува дека е многу битно граѓанското општество да реагира и да каже дека има ваков проблем и сите заедно да се поддржуваме.

За време на кампањата „СТОП на семејното насилство! Биди храбра“ пуштени се  телефонски линии за СМС-донации, а корисници на тие средства се три центри – Организација на жени на град Скопје (ОЖС) која е кризен центар за краткотраен престој на жени жртви на насилство, Кризниот центар „Надеж“, каде жените можат да престојуваат подолго, и „Една може“ („One Can“) – за самохрани родители, кои тешко можат да најдат работа и реално сами се соочуваат со животот. Тоа се: А1 – 143133 и Телеком: 143999.

Освен тоа, ќе бидат и најавени хуманитарни акции, а в недела, 12 декември, во 12 часот во Скопје и на плоштадите во градовите низ земјава ќе се организираат собири за поддршка на жените и децата жртви на семејно насилство. Поддршката е тивка, како што вели Ангелова, зашто „понекогаш тишината кажува повеќе од 1.000 зборови”.

-Сите луѓе, но и читателите на весникот ВЕЧЕР што помасовно да излезат на плоштадите во нивните градови и да се приклучат – повикува Ангелова.

Таа информираше дека веќе осум градови се пријавени да се вклучат во кампањата и се надева дека и останатите ќе ја дадат своја поддршка, а во кампањата, на собирот на Градскиот плоштад се очекува да се приклучи и првата дама на државата, Елизабета Ѓоргиевска.

Сопругата на бугарскиот амбасадор изрази благодарност до сите оние што ја поддржуваат и кои стојат зад неа, посебно на весникот ВЕЧЕР.

Анела Петрова  Фото: (Петр Стојановски)