Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција изрази сочувство за, како што рече првата жртва од пожарите кои ја зафатија земјава.

„Најпрвин сакам да изразам сочувство на човекот кој вчера ја загуби сопругата, тажно е тоа што се случи во кумановски Челопек. Еден живот е загубен, тоа е она што неколку дена го зборуваме, на прво место безбедноста на луѓето“, рече Ангелов.

Тој рече дека сè е надоместливо, но дека човековиот живот е бесценет и апелираше сите кои ќе се најдат до пожарот да се евакуираат.

„Куќите ќе ги направиме. Ќе помогне Владата, ќе помогне општината. Дрвјата ќе пораснат, нема за една година, им треба многу време, но колку буки или борови вреди еден човечки живот“, рече Ангелов и додаде дека ЦУК ќе се фокусира на човековиот живот и на човековото здравје.

Тој рече дека е мачно да се напушти дом за кој некој цел живот се мачел, уверувајќи дека државата ќе помогне, но нагласи дека човечкиот живот е бесценет.

„Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, тоа може да му се случи на секој, дури и на вас и на оние граѓани кои сега се далеку од пожарите, бидејќи пожарите се шират со чудна брзина. Дури има некои сомнителни моменти како тие пожари се палат одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на барање на причинителите. Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет“, рече Ангелов

Екипите на МВР се на терен во Челопек, соопштија денеска надлежните од МВР. По објавата на медиумите дека едно лице е исчезнато во пожарот, според кажувањата на блиските, МВР сè уште нема информација и најавија детали за подоцна.

Екипите се на терен веќе извесен период, со механизација се отстранува кровот, други простории од куќата која беше зафатена од пожарот.

„Првичните информации кои јас ги добив од МВР е дека сè уште се истражува куќата, во првата и втората просторија каде би можело да биде жената затворена, сè уште нема никаква трга од нејзе. Во третата просторија има опасност да се сруши ѕидот, машината од општината од јавното комунално претпријатие помага колку може да ги расчистат урнатините и да пристапат кон третата просторија во која се сомневаат дека можеби е телото, но додека официјално инспекторите, полицијата не го потврдат тоа јас можам да дадам толку информации“, изјави градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.

Пожарот во Челопек избувна вчера во два наврати колку што и интервенирале пожарникарите. Првиот пожар бил регистриран од 11 па се до 12.30 и гореле поранешни воени бараки.

Вториот пожар пак бил регистриран во 15.20 и траел сè до 19 часот во Челопек, изгореле куќи, објекти, добиток и стрништа