Турскиот кошаркарски гигант Анадолу Ефес е старо-нов владетел во Евролигата. Со победата над Реал Мадрид од 58:57 во финалето во Белград, Ефес ја одбрани титулата од минатата година.

Ниту една од екипите не успеа да се одлепи на двоцифрена разлика што само по себе говори дека се играше црвсто и претпазливо на двете страни, но во завршницата подобро се снајде турскиот клуб и дојде до голема победа.

  • Убаво е да се биде аутсајдер. Јас сум тренер што доаѓам од Турција, а пред мене никој во Турција не забележал такви резултати. Јас сум поинаков тип на личност. Уживам во тренерството, прес-конференциите и интервјуата. Понекогаш уживам и да се бунтувам против Евролигата. Потоа ме казнуваат и на шега велат дека сум спонзор на лигата. Но, сега ќе го земам бонусот што ми следи, истакна Ергин Атаман, тренерот на Ефес.

Од друга страна, Пабло Ласо, тренерот на Реал Мадрид истакна дека е горд на своите кошаркари, но истовремено тажен за поразот во финалето.

  • Му честитам на Ефес за победата, тоа беше долга сезона за сите и морам да бидам горд на моите играчи за тоа како се однесуваа до последен момент. Сите сме тажни, бевме блиску до целта. Му честитаме на Ефес и ќе се обидеме што побрзо да заборавиме, изјави Ласо.

Ласо додаде дека „сега би барал фаул“ во последниот напад на турскиот тим.

  • Загубивме еден поен разлика, сега мислите ми одат дека требаше да фаулираме, но мислевме дека ќе бидат три секунди за последниот напад. Паметно го играа тој посед. Ако ме прашате сега, требаше да се направи фаул, но човек не знае што ќе се случи, изјави Ласо.

Тренерот на мадридскиот клуб изјави дека тимот работел напорно цела сезона.

  • Се чувствувам ужасно, тимот работеше напорно цела сезона и мислам дека многу работи направивме добро, но не успеавме да го добиеме натпреварот, заклучи Ласо.

Инаку, Барселона го освои третото место со победата над Олимпијакос од 84:74.