Американскиот Сенат одобри акт за човековите права на Ујгурите во Кина

94

Американскиот Сенат минатата недела го одобри двопартискиот Закон за насочување на разни американски владини тела да подготват извештаи за кинескиот третман на Ујгурите, претежно муслиманска Туркиска етничка група, пренесува агенцијата Анадолија.

„Сенатот го одобри мојот двопартиски Закон за човекови права на Ујгурите“, објави на Твитер сенаторот од Флорида, Марко Рубио. „Ова е многу значаен чекор во борбата против распространетата и ужасна злоупотреба на човековите права во Ксинџијанг од страна на Комунистичката партија на Кина“, додаде републиканскиот пратеник.

Предлог-законот против Кина за првпат беше претставен во јануари, со цел да се „осуди грубото кршење на човековите права на етничките туркиски муслимани во Ксинџијанг и да апелира за прекинување на неоснованото задржување, тортура и малтретирање на овие заедници во и надвор од Кина“.

Кина долго време ги критикува Соединетите Американски Држави (САД) за мешање во внатрешните работи и користењето на Ујгурите како дел од својата киберпропаганда против азиската нација.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја окарактеризира Кина како стратешки ривал на американските интереси, а двете држави се наоѓаат во услови на трговска и тарифна „војна“.

Кинескиот регион Ксинџијанг е дом на околу 10 милиони муслимански Ујгури. Туркиската етничка група, која сочинува околу 45 отсто од популацијата на Ксинџијанг, долго време ги обвинува кинеските власти за културна, религиска и економска дискриминација.

Американски претставници и експерти од ОН велат дека околу 1 милион луѓе, или околу 7 отсто од муслиманското население во Ксинџијанг, е затворено во една растечка мрежа на кампови, со цел негово политичко преобразување (реедуцирање).

Во извештајот за 2018 година, „Хјуман рајтс воч“  го обвини Пекинг за спроведување систематска кампања за кршење на човековите права на муслиманите Ујгури во регионот.