Ало инспекција, во Трубарево и Ченто не се дише!

543

Жители на Трубарево велат дека кај зградата на депото на Железница скоро секој ден се палат работи кои ужасно мирисаат и ги трујат жителите на ова населено место. Поплаки има и од населбата Ченто каде цела вечер корнело на изгорена пластика и некоја хемикалија. Секоја вечер се гори и на поранешната депонија Вардариште. Дејан Димитровски, советник во општина Гази Баба од редот на Зелените, вели дека ќе побара дисциплински мерки за „сите кои не си ги вршат работите за кои ги плаќаат граѓаните“

Жители на Трубарево се жалат дека ужасна смрдеа на изгорено се шири откај реката Вардар. Дани Јанева Јовановска вели дека кај зградата на депото на Железница во Трубарево скоро секој ден се палат работи кои ужасно мирисаат и ги трујат жителите на ова населено место.

– Тој дел го направиле и депонија со расфрлање на сè и сешто. Па би било одлично доколку се излезе на терен и се изрегулира ова, бидејќи не е еден ден – вели Јанева Јовановска.

Хајди Стерјова Симоновиќ посочува дека во населбата Ченто цела вечер корнело на изгорена пластика и некоја хемикалија.

Секоја вечер се гори и на поранешната депонија Вардариште. Жители на Лисиче, Ново Лисиче и на Аеродром кои живеат покрај Вардар велат дека навечер ги затвораат прозорците бидејќи не се дише од смрдеата и од чадот. Се прашуваат како може институциите да дозволат ова да се случува и ги повикуваат инспекциите да почнат да ги санкционираат сторителите, а депониите веднаш да се исчистат. 

Дејан Димитровски, советник во општина Гази Баба од редот на Зелените, на Фејсбук објави дека е запознаен со овие, но и со други проблеми на граѓаните и минатата недела на седница на Советот изразил, како што вели „големо извинување на граѓаните затоа што и покрај залагањето за некои проблеми во општината да се решат едноставно не успеал во тоа“.

– Последниот месец повеќе граѓани кои имаа проблеми од комунална сфера и инспекциски работи се обратија кај мене поради неможност да ги завршат истите директно во општина. Поради состојбата во општина, истите барања ги побарав преку телефон до службата за инспекциски работи. Неколку од тие барања се и од животозагрозувачки карактер. Во понеделникот повеќе граѓани се јавија да проверат до каде се предметите, а некои од нив видно револтирани и разочарани изјавија дека ништо не е променето на терен. Во телефонски разговор со одговорните ми потврдија дека не е постапено по нив. Јавно упатувам апел до градоначалникот и раководителот на инспекциски работи на општина Гази Баба да се пронајде виновникот за ваквата состојба во општината. Дали се работи за намерно деградирање на тие што ја водат општината. Некои од барањата лично ќе ги доставам на шалтер во општината и ако во рок од 7 дена не се постапи по нив, исто така ќе барам дисциплински мерки за сите кои не си ги вршат работите за кои ги плаќаат граѓаните – потенцира Димитровски.

Во првата половина од годината, ЈП „Комунална хигиена“ расчисти 7.081 кубни метри отпад од диви депонии што претставува зголемување од над 52 проценти во однос на расчистените диви депонии во истиот период минатата година.

(С.Бл.)