Александар Белов, македонската поп-ѕвезда од „Операција триумф“, стана татко на ќеркичката Мина

593

„Датумот е 13. 1. 2022! Ти благодарам, Боже, што ни дозволи да станеме родители… Јелена Белов ти благодарам што ни ја донесе на свет нашата нова заедничка љубов… Се роди Мина Белов“, вака, со толку љубов, порачува македонскиот поп-пејач Александар Белов, откако завчера стана татко.

Александар е српски зет, тој е во брак со Србинката Јелена од 2019 година. Откако се ожени со Јелена Станковиќ, последните неколку години живее во српскиот град Крагуевац, каде што продолжи со кариерата. Успешно се занимава со музиката, а најчесто настапува во живо со својата група „Белов бенд“.

Естрадата го памти Белов уште од пред неколку години кога стана медиумска ѕвезда со учеството во балканското музичко талент-шоу „Операција триумф“. Тогаш освои и многу девојки, не само со пеењето, туку и поради својот атрактивен машки изглед.

Сега на самата Старо-нова година стана татко. Чувствата му се неописливи, а тој е пресреќен. Штом бебето малку ќе порасне, планира да си дојде кај своите во родната Македонија, заеднички сите да се радуваат. (Д.М.)