Актерот Диме Илиев ја прими наградата „Петре Прличко“

145

На актерот Диме Илиев деновиве во Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, му беше врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2019-та. Станува збор за плакета со ликот на Прличко, што ја додели Општина Велес, а ја врачи градоначалникот Аце Коцевски.

Во негова чест актерите од Велешкиот театар ја изведоа комедијата „Слуга на двајца господари“ во режија на Ненад Витанов. На доделувањето Илиев рече дека сите награди се значајни, а оваа е резултат на неговата 44-годишна работа, затоа што пред месец и половина се пензионирал од својата матична куќа Драмскиот театар-Скопје. „Мило ми е што оваа награда е на предлог на мојата матична куќа и од колеги. Најдобро признание е кога е од колеги. Некои велат дека наградите се само да фаќаат прашина, но прашината се брише, а вредноста штом сум ја постигнал засекогаш останува“, додаде Илиев.

Пред присутната публика беа прикажани и фрагменти од филмот „Исправи се, Делфина“ во кој тој играше со Неда Арнериќ.

Диме Илиев во својот театарски век досега реализирал над 370 уметнички остварувања, во театарот настапувал повеќе од 150 пати, осум пати во филмови, имал и 18 телевизиски настапи и 200 радио драмски улоги.