Агенцијата за филм го одврза кесето, се чека и вториот рок: За „Вечерен акт“ на Христов речиси 35 милиони денари

263

Ова е и најголемата сума на листата на одобрени проекти која Агенцијата за филм ја објави на својата веб страница, а која се однесува на Конкурсот објавен на 23 јануари годинава. Според Агенцијата за филм, на Конкурсот во првиот рок биле пристигнати рекорден број на пријави за филмски проекти. Средства од Агенцијата за филм добиваат и пет проекти кои се однесуваат на долгометражни играни филмови со малцински македонски удел…

„Вечерен акт“ – долгометражниот игран филм со мнозински македонски удел, по сценарио и во режија на Васил Христов, а во продукција на Кино око од Скопје, од  Агенцијата за филм ќе добие триесет и четири милиони и 800 илјади денари. Ова е и најголемата сума на листата на одобрени проекти која Агенцијата за филм ја објави на својата веб-страница, а која се однесува на Конкурсот објавен на 23 јануари годинава. Според Агенцијата за филм, на Конкурсот во првиот рок биле пристигнати рекорден број на пријави за филмски проекти.

Средства од Агенцијата за филм добиваат и пет проекти кои се однесуваат на долгометражни играни филмови со малцински македонски удел, а станува збор за „Ноќен квартет“ на Сектор филм во режија на Винко Модерндорфер кој добива 2 милиона и 800 илјади денари, „Празник на трудот“ на Сестри и брат Митевски во режија на Пјер Жалица со 4 милиони денари, „Скајп“ на „Пигменто студио“ во режија на Иса Чоса со 2 милиони и 600 илјади денари, „По тамбурите“ на Круг филм во режија на Станислав Томиќ со 3 милиони и 700 илјади денари и „Молк на сирените“ на Скопје филм студио во режија на Газменд Нела со 3 милиони денари.

„Одлуката за финансирање на проектите е донесена на Управниот одбор на Агенцијата за филм раководејќи се од Законот за филмска дејност, Правилникот за поблиски критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност и земајќи ја во предвид  моменталната финансиска состојба на Агенцијата која се соочува со лимитиран/намален буџет“, стои во соопштението.

Што се однесува до документарците, „Кодот на Преспа“ на Стримон филм во режија на Николче Поповски (2 милиони денари), „Глумата како професија/мисија“ во продукција на Еклипс 92 во режија на Филип Херин (1 милион и 800 илјади денари), како и „Небо точак земја“ на Супер продукција во режија на Коста Марковски (1 милион и 500 илјади денари) се проектите на кои Агенцијата за филм им додели средства како дебитантски долгометражни документарни филмови со мнозински македонски удел.

Од краткометражната продукција, пак, проектите „Северниот пол“ на Кино око на Марија Апчевска и „Сети се“ на ОДА на Берат Асани добија по 2.200.000 денари во делот кратки играни филмови, а проектите  „Сценариото“ на Лајт продакшн на Александра Кардалевска и „Обичната Ели“ на Минимал колектив на Лавинија Софрониевска по 800.000 денари како дебитантски краткометражни играни филмови. „Звукот на тишината“ на Луна парк продукција на Анастасија Л.Пиллинг, пак, доби 2.000.000 денари како краткометражен документарен филм. Насловен како „Неми филмови“, проектот на Фокус покус филм во режија на Крсте Господиновски ќе добие 1.300.000 денари во делот – краткометражни анимирани филмови.

Од Агенцијата за филм известуваат и дека крајниот рок за пријави за вториот рок на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2019 истекува на 15 август.