Автобуси на градскиот превоз упатени на технички преглед – патниците со часови чекаа на станиците

418

МВР информира дека денеска, во периодот од 8 до 12 часот, била извршена контрола на техничката исправност на 11 автобуси, сопственост на ЈСП, од кои кај пет биле констатирани неправилности. Исто така, на вонреден преглед биле и 20 автобуси на „Макекспрес“, а од „Слобода превоз“ деновиве ќе излезат со бројката на проверени возила,  

Немањето потребен број автобуси предизвика нервоза и паника кај патниците во јавниот градски превоз на одредени линии, бидејќи со часови чекаа автобус и не можеа навреме да стигнат на работа, особено учениците доцнеа на часовите. Многу тензично беше на автобуската станица спроти зградата на „Македонија осигурување“, бидејќи тука поминуваат голем број автобуси кои одат за Кисела Вода, Драчево, Зелениково, Студеничани, Орман. Сите тие нервозно се прашуваа зошто нема автобуси

Седум возила „јутонг“ на ЈСП Скопје, но и повеќе автобуси на приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ денеска беа испратени на вонреден технички преглед од страна на полицијата. Како што информираа од ЈСП, од седум возила, пет биле двокатни автобуси, еден минибус/комбе и едно комбе „ивеко“.

– Во меѓувреме, две возила од посочените веќе се вратени на линија – нагласуваат од ЈСП и додаваат дека ја следат состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило поради технички преглед, реагираат навремено со испраќање т.н. заменско возило за да се избегне „дупка“ во возниот ред.

Освен овие, како што велат од „Макекспрес“, од кај нив на технички преглед биле однесени над 20 автобуси, иако сè уште немаат прецизна бројка за тоа.

– Не добиваме веднаш податоци за тоа колку автобуси се однесени на технички преглед и колку од нив биле технички неисправни. Точната бројка ќе ја утврдиме наредните денови од нашите возачи, бидејќи ниту МВР ниту, пак, станиците за технички преглед ни доставуваат информации – истакна Милорад Димитриевски, еден од сопствениците на „Макекспрес“.

Директорот на приватното претпријатие за превоз на патници „Слобода Превоз“, Ленин Јовановски, немаше податоци за тоа колку нивни возила се однесени на технички преглед, со истото образложение дека ќе сумираат наредните денови кога ќе ги добијат податоците од фирмите кои треба да пријават.

– Точно е дека се носени автобуси на контрола и, можеби, сè уште се носат. Немам информација колку наши се однесени и колку биле неисправни – истакна Јовановски.

Немањето потребен број автобуси предизвика нервоза и паника кај патниците во јавниот градски превоз на одредени линии, бидејќи со часови чекаа автобус и не можеа навреме да стигнат на работа, особено учениците доцнеа на часовите. Многу тензично беше на автобуската станица спроти зградата на „Македонија осигурување“, бидејќи тука поминуваат голем број автобуси кои одат за Кисела Вода, Драчево, Зелениково, Студеничани, Орман. Сите тие нервозно се прашуваа зошто нема автобуси.

Револтирани, тие преку социјалните мрежи го прозваа Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да излезе со соопштение дали воопшто и ќе има автобуси во текот на денот и која е причината за нивниот застој.

– ЈСП, да излезевте со соопштение дали воопшто и ќе има автобуси во текот на денот и со соодветна причина за нивниот застој – вели Марина Стојановска.

– Зошто не кажавте од сабајле, барем децата да не одеа во училиште, со што ќе се вратат? Катастрофа! За што плаќаме? – пишува Дијана Крстевски.

Од МВР објаснија дека согласно со годишните програми за работа, имаат изготвено годишен план распоред за спроведување акциски контроли со точно определен месец, ден, време и цел на контролата, кои истовремено се спроведуваат на целата територија на државата.

– Согласно со предвидениот план распоред, на 23.2.2022 година, во периодот од 8 до 12 часот, предвидена и спроведена е акциска контрола на подрачјето на Град Скопје, над возила кои вршат јавен превоз на патници (линиски, градски и меѓуградски превоз). Акциските контроли се спроведуваат согласно со утврдена методологија, а со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот на патиштата – нагласија од МВР и додадоа дека била извршена контрола на техничката исправност на 11 автобуси на ЈСП, од кои кај пет биле констатирани неправилности предвидени согласно со одредбите на ЗБСП и ЗВ – информираа од МВР. 

(А.П.)