Австралијците да ги избришат европските имиња на нивните производи, или нема извоз во ЕУ

Како услов за склучување договор за слободна трговија Европа бара промена на имињата на 408 австралиски производи, меѓу кои и на сирењата фета и горгонзола 

225

Европската унија бара од австралиските компании да престанат да ги нарекуваат своите сирења фета и горгонзола и инсистира да им ги сменат имињата.

Ако се прифати тоа барање, сите производители на храна ќе мора да им дадат нови имиња.

И нема само сирењата да мораат да ги менуваат имињата, туку и многу други производи, кои на листата која ЕУ ја испратила на Австралија, ги има дури 408.

А тука спаѓа и популарната прехранбена стока како што се сирењето гријер, ајриш крим, виски и грапа, пренесува Б92.

Станува збор за намирници со заштитено географско потекло во Европската унија, кои се традиционални во делови на заедницата и имаат гарантиран квалитет.

Ова е услов за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Австралија (ФТА), околу кој двете економски сили почнаа да преговараат уште минатата година.

ЕУ е втор австралиски трговски партнер и трета најголема извозна дестинација за “земјата на кенгурите”.

Австралиското министерство за надворешни работи и трговија верува дека ФТА ќе им пружи на извозниците од земјата уште поголема предност на пазарот од над 500 милиони луѓе.

Ако Австралија се согласи, производителите на сирење кои својот производ го нарекле фета, на пример, ќе мора да го сменат неговото име  – можеби во нешто како австралиска, тврди подружницата на ЦНН, СБС Њуз.

Тоа е затоа што дури и ако тие производители користат исти процеси на производство, како и традиционалните производители на фета сирењето, нивното сирење не е произведено во географското подрачје кое е предвидено со законодавството на ЕУ за да може да се нарече со името фета.

Австралискиот министер за трговија, туризам и инвестиции, Симон Бирмингем отвори јавна расправа за ова прашање велејќи дека сака директно да слушне од австралиските земјоделци и претпријатија што мислат за тоа.

-Австралијците можат да бидат сигурни дека ќе водиме силни преговори за да постигнеме спогодба која на австралиските земјоделци и претпријатија им нуди повеќе можности, рекол министерот, додавајќи дека ќе потпише договор само ако е во интерес на Австралија.

Националната федерација на стопанственици (НФФ) – австралиско национално тело кое ги претставува земјоделците и земјоделството, веќе навести дека е загрижено поради ограничувањата, посочувајќи на почетокот на годинава дека ограничувањето за името фета ќе има сериозни последици за нивните млекари.