Извозот меѓу шесте земји од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија) е само 14 %, а за да дојде до поголема трговска размена, потребно е целосно да функционираат зелените коридори на сите граничните премини што го поврзуваат регионот со ЕУ.

Доколку се намали времето на чекање на граница за три часа, тоа би било слично со намалување на царинските стапки за 2 % во сите економии, покажуваат анализите на Стопанската комора на Македонија, изнесени на прес-конференција посветена на новиот план за раст за Западен Балкан – можности за активирање на економскиот потенцијал на регионот.

Влатко Стојановски, портпарол на Комората, вели дека пречки за поголема размена се нетарифните бариери како царински и безбедносни сертификати, фитосанитарни дозволи итн.

– Треба доста да се работи на тоа. Ние постојано ги идентификуваме и апострофираме дека се пречка за унапредување на регионалната трговска размена. Поради недостиг на правна основа од земјите од ЕУ за размена на податоци со земјите што не се членки, почнаа да се поставуваат зелените коридори на клучните гранични премини што го поврзуваат регионот, но само во еден правец. Затоа, мерките од новиот План за раст предвидуваат целосна размена на податоци, што ќе овозможи значително скратување на времето за чекање на граничните премини, но и заедничко признавање на овластувањата на овластените економски оператори – рече Стојановски.

Придобивките за нашите компании од ова ќе бидат огромни. Само во 2023 година, од постојните зелени коридори, се намали времето на чекање на граничните премини и придонесе да биде заштедено време од 20 години врз основа на веќе поставените интрарегионални зелени региони.

– Истовремено, зелените коридори ќе придонесат за континуирано функционирање на синџирите за снабдување, ќе се поттикне и зголемувањето на трговијата  и ќе го направат регионот попривлечен за инвеститорите – рече Стојановски.

Од Комората потенцираат дека потребите за намалување на јазот на економската конвергенција се и повеќе од очигледни.

– И покрај позитивните поместувања во изминатиот период, сепак, просекот на БДП по глава на жител во регионот останува речиси една четвртина од просекот на 27-те членки во ЕУ. И покрај близината и другите поволни фактори за поттикнување на трговијата, сепак, интрарегионалниот извоз во регионот изнесува само 14 проценти. ЕУ останува доминантен извозен пазар за ЗБ, со тоа што за повеќето земји од регионот извозот во ЕУ е петпати повеќе од извозот во земјите од ЦЕФТА – укажа Стојановски.