Здравствена криза во Либан: СЗО предупредува на појава на болести во Либан

26
EPA-EFE/STR

Ијан Кларк од Светска здравствена организација (СЗО) денеска предупреди на појава на болести во Либан поради лошите услови во засолништата за раселените лица и затворањето на болниците.

-Се соочуваме со ситуација каде што постои многу поголем ризик од појава на болести, како што се акутна дијареја, хепатитис А и голем број болести, што можат да се спречат со вакцини, истакна Кларк на прес-конференција во Женева преку видеоповик од Бејрут.

Здравствената агенција на ОН веќе предупреди дека здравствениот систем во Либан е преоптоварен и оти досега се затворени пет болници во земјава, а само четири се делумно функционални.

Кларк додаде дека болниците се затворени бидејќи медицинскиот персонал или побегнал од борбите или бил принуден да се евакуира.

Тој на конференцијата се осврна и на недостигот на храна во Либан, посочувајќи оти илјадници хектари земјоделско земјиште во јужниот дел на земјата се изгорени или напуштени поради конфликтот.