Заврши поставувањето на водоводна мрежа на новиот булевар „Хрватска“

22

Град Скопје заврши со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар „Хрватска“, кој опфаќа и нова водоводна мрежа како дел од програмата за работа на градот. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа, според градските власти е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.

-Изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар „Хрватска“, заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа ги поврза двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1.600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф.700 на булевар „Александар Mакедонски“ – соопштија од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека со реализација на оваа фаза од предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по трасата на булевар „Хрватска“, завршени се градежните активности на поврзување на булевар „Александар Македонски“ кај „Естекада“. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот „Хрватска“ изнесува 2,8 километри.