Започнува фестивалот на инклузија во Кисела Вода

87

Од 20 јуни 2024 година (четврток)  од 20:00 часот, во паркот „Македонија“ започнува третото издание на фестивалот на инклузија, кој го организираат здруженијата „Икуалити“ и „Визија плус“, со поддршка од Општина Кисела Вода.

И оваа година фестивалот ветува богата содржина, интегративни и инклузивни работилници за деца и млади, активности за сите генерации, како и многу забава низ богата музичка програма, филмска вечер, театарска претстава.

Отворањето, на 20 јуни, во 20:00 часот, ќе го обележат дечињата од инклузивниот бенд од училиштето „Димитар Влахов“, под водство на професорот Кристијан Тасевски и пијанистката Ема Ананиевска, како горди претставници на заедницата на лица со попреченост.

Музичката програма ќе ја предводат магичните Зарина Првасевда, Дина Јашари, Нина Јанева со бендот, диџеј Мартин Делимитов, диџеј Џон Антонио.

Програмата е збогатена и со спортските работилници „Испробај се во баскет во колички“, за секој заинтересиран да се проба во најпопуларниот инклузивен спорт – кошарка во инвалидска количка, потоа со уметничките работилници за најмладите „Од украс до отпад – правење фигури и украси“ и за изработка на наметки за суперхерои „Ние сме суперхерои“, во соработка со специјалното училиштето „Свети Наум Охридски“, и работилницата за танци „Танцувај со нас“.

Во четиридневната програма се предвидени и целовечерни филмски проекции на платно со меѓународно наградени филмови на социјално инспиративни инклузивни теми и „Сеќавања“, танцова инклузивна претстава во изведба на танцовото студио „Еурека“, како и магионичарско шоу.

Програмата ќе биде заокружена со дебатата „Креираме инклузија и интеграција преку меѓусебна поддршка“, со учество на родители на деца со попреченост, која ќе ја модерира претседателот на Здружението „Икуалити“, Гере Трипков, како и со изложбата на цртежи на деца од општинските училишта од Кисела Вода, на тема „Заедно можеме“.

За прв пат од оваа година, Здружението „Икуалити“ ќе додели награди „Шампиони на инклузијата“ за придонес и промоција на правата на лицата од социјално ранливите заедници во категориите: лице со попреченост, организација, општествено одговорна компанија, јавна личност, градоначалник и амбасадор.

Фестивалот на инклузија и Општина Кисела Вода ги покануваат сите жители на Градот Скопје, но и од целата држава, да дојдат, да се забавуваат, да се инспирираат и да се поврзуваат и, преку сите фестивалски културно-уметничко-забавни настани, да се приклучат во креирањето ненадминлива позитивна енергија, со цел уривање на бариерите во општеството и создавање простор за поттикнување и промоција на способностите на најранливите и на маргинализираните.