“Вечер“ на мекици кај популарниот македонски пејач по повод раѓањето на наследникот….“Ти благодарам животе“, емотивно изјави Панов за “Вечер“/vecer.press

Вистинско музичко цунами одлично парти, во облик на мега журка, до рани зори во едно познато скопско кафуле на улицата “Македонија“ направи викендов популарниот македонски поп-пејач Јоце Панов по повод раѓањето на неговиот син Лука.

Како што вети пејачот, тој така и направи… сите свои најмили пријатели, блиски роднини, колеги (пејачи, водители, музичари) но и најблиски другари (и новинари) ги покани на прославата, во вистинска смисла на зборот, да се знае дека на свет е дојден неговиот наследник.

А мама Марина со синчето се породи пред некој ден во “Ремедика“ под врвна професионална стручност на доктор гинеколог Глигор Димитров. Како што ни изјави докторот, породувањето беше по природен пат, без никаков проблем.
Малиот Лука, жив и здрав, радоста на мама и тато, роден е со тежина од 3 кг и 450 г и со должина од 51 цм. Како што вели среќниот тато Јоце, целиот е плукнат на него, така што нема утка во мајсторството.

Шегата на страна, на радоста на Панов нема крај. Пејачот на прославата со мекици, како што е народен обичај, не ги криеше ниту солзите радосници, а и самиот запеа многубројни песни не само со поканети гости, туку и со колегите од естрадата…

Благоја Грујовски, Стојне Николова, Бобан Мојсовски кои официјално беа задолжени за одличната атмосфера која дојде до точка на вриење кога Јоце се качи на маса и кога заигра, но и запеа добро познати хитови со пура и чашка виски во раката.

Нема зошто некој да ни замери поради нашата професионална новинарска љубопитност, но ние само малку ѕирнавме во подароците кои го преплавија багажникот на автомобилот на тато.

Се разбира, во очи ни падна сината боја која сè уште е традиционална боја кога во куќата ќе се роди машко чедо. Така е и со Лука. А тој името го доби според желбата на мама, но и на кумовите.
– Вечерва нема никој посреќен од мене, мојата среќа се знае дека е мојот наследник, синот Лука, јас не можам со зборови да си ја опишам радоста, едвај чекам мама и синот да си дојдат дома.

Ти благодарам животе, емотивно изјави Панов за “Вечер“, па веднаш потоа им се препушти на прегратките на гостите со кои славеше, пееше и пиеше до зори… Син наследник не се раѓа секој ден, па како што е ред, еден ден и на свадба да му играме.

Текст-фото: Дуле Миќиќ

/Строго забрането е превземање на овие фотографии и ставање на истите на други македонски портали/