Втора Светска Конференција за Религиски Дијалог и Соработка

142

Во периодот од 19-22.06.2024 година, во Струмица, се одржува Втората Светска Конференција за Религиски Дијалог и Соработка/ Second World Conference for Religious Dialogue and Cooperation во организација на Центарот за Интеркултурни Студии и Истражувања, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Владата на Република Северна Македонија ја спроведува националната стратегија за Едно општество и интеркултурализам. Во таа насока, на наше големо задоволство, оваа година по втор пат имаме покровител на Конференцијата, а тоа е Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Од друга страна, пак, за прв пат имаме коорганизатор на Конференцијата, а тоа е Центарот за Студии на Нови Религии во Торино, Италија. Со тоа значително го подигнуваме квалитетот од научен, академски и организациски аспект.

Како организатори на оваа Конференција, успеавме да ги доведеме најеминентните истражувачи на феноменот на религијата да одговорат на сите прашања кои се поврзани со актуелната тема и прашање: Религија и политика: Дали секуларизацијата е мит или реалност?.

Од страна на голем број релевантни светски научни здруженија, институции и организации, Конференцијата е наведена како еден од најважните научни настани што се одржуваат во светот во 2024 година. Не беше можно да се организира ваков грандиозен научен настан без целосна поддршка на научната, политичката и деловната елита во земјата. На самото отварање се обрати проф. д-р Зоран Матевски, како Претседател на Меѓународниот Научен Програмски Одбор, Директор на Центарот за Интеркултурни Студии и Истражувања и Претседател на Катредата на УНЕСКО за Интеркултурни Студии и Истражувања, кој укажа дека фокусот на Конференцијата ќе биде ставен на односот помеѓу религијата и политиката или на црквата и државата. Денес во светот на сите научни области кои се занимаваат со општествениот феномен на религијата (социологија на религија, антропологија на религија, историја на религија, психологија на религија), постојат две спротиставени гледишта во однос на феноменот на секуларизацијата во современите општества во светот.

Едни сметаат дека секуларизацијата е реалност, а други дека е мит. На Втората Светска Конференцијата ќе се судрат овие две гледишта преку најсовремените резултати од научните истражувања кои се занимаваат со оваа проблематика. Заради тоа, освен презентациите на трудовите суштински дел на Конференцијата се дискусиите кои се составен дел на сите сесии.

На отварањето, говорници беа и Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ратко Дуев, господинот Масимо Интровиње, Директор на Центарот за Студии на Нови Религии во Торино, Италија (ЦЕСНУР). Потоа, Наум Струмички, Митрополит на Струмичката епархија и заменик градоначалник на Струмица, госпоѓа Елена Маѓеровска Паликарова. Со писмено обраќање се обратија Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Билјана Ангелова и Директорот на Фондација Заев, Едно општество за сите, г. Зоран Заев.

На оваа Конференција активно учество ќе земат најеминентни преставници од 22 држави од сите континенти во светот кои се занимаваат со религијата. Многу познати светски имиња кои ја проучуваат религијата од социолошки, филозофски, теолошки, безбедносен, политички аспект ќе дадат свој придонес со презентации и плодни дискусии на панел сесиите кои се предвидени во времетраење на Конференцијата.

Се очекуваат значајни заклучоци и научни согледувања за религијата со сите аспекти во современото општество, кои ќе произлезат од панел дискусиите. Трудовите на учесниците ќе бидат објавени во книгата Edited collection и списанието Религиски Дијалог и Соработка/ Religious Dialogue and Cooperation.