Италијанскиот тенисер Јаник Синер го заврши учеството на турнирот во Доха откако загуби од Чехот Јакуб Меншик со 2:1 во четврт-финалето (6:7, 6:2, 3:6). Синер беше поразен од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија опен и не успеа да го освои ниту трофејот во Доха, па признава дека неговата форма е во мал пад.
- По две фантастични години, сега сум во мал пад, но тоа не е нешто што ме загрижува. Знам како да се извлечам од тоа. Знам дека можам да играм подобро, но Јакуб беше одличен и сервираше брилијантно. Во тенисот секогаш има подеми и падови, па ќе се обидам да ја подобрам формата до Индијан Велс. И претходно имам поминато низ кризи и секогаш знам како да се вратам – рече Синер по поразот од Меншик.
Се очекува Италијанецот да настапи на Индијан Велс.
- Немам никакви проблеми, едноставно противникот играше одлично. Сервираше фантастично. Имав две-три погрешни одлуки, но се случува тоа. Клуч за поразот беше мојот лош почеток на третиот сет. Не е ништо драматично, само загубив неколку натпревари. Се надевам дека ќе биде подобро на Индијан Велс, иако секогаш имам некои проблеми таму. Од друга страна, Мајами ми одговара повеќе – истакна Синер.
Тој зборуваше и за своите цели за оваа сезона.
- Сакам да го освојам Ролан Гарос. Морам да се сетам дека во последните две години добив многу натпревари, а загубив само неколку. Сето ова е нормално во тенисот и се надевам дека наскоро сè ќе си дојде на свое место – заклучи Синер.











