Општина Гази Баба на конкурс ќе избира најеколошка компанија која успешно применила еколошки стандарди и со тоа придонела во зачувување на животната средина.
Со конкурсот „Денови на пролетта – Денови на екологија”, ќе се избираат и заслужни правни или физички лица кои дале особен придонес кон зачувување на екологијата на територија на општина Гази Баба, како и правни или физички лица кои со своја активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во општина Гази Баба, во смисла на заштита на медиумите и областите на животната средина, намалување на користење на обновливи видови енергија и слично.
Исто така, ќе се избираат и најубаво уреден двор на куќа, како и најубаво уреден двор на зграда на територија на општина Гази Баба. Потоа, најубав состав, расказ, стихотворба на тема: „Екологија“ за ученици од прво до петто одделение од основните училишта во општина Гази Баба, најубав состав на тема: „Екологија“ за ученици од шесто до деветто одделение од основните училишта во општина Гази Баба, најубав цртеж на истата тема, за ученици од прво до петто одделение, најубав цртеж за ученици од шесто до деветто одделение и најубав цртеж на тема: „Екологија“, за деца од градинките во општина Гази Баба.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 50.000 денари. За третата и четвртата категорија најубаво уреден двор, предвидени се две награди (индивидуално домување и колективно домување), во износ од по 45.000 денари. За петтата, шестата, седмата, осмата и деветтата категорија се предвидени по три награди во износ од 21.110 денари по категорија (прва награда 10.000 денари, втора награда 6.000 денари и трета награда 3.000 денари).
Пријавувањето започнува веднаш и трае до 10 мај 2024 година.
Прогласувањето на добитниците во сите категории ќе се одржи во рамките на одбележување на Светскиот ден за заштита на животната средина, од страна на градоначалникот на Општина Гази Баба.