Во Црна Гора станови само за најбогатите: Квадратот во Колашин до 3.000 евра, во Подгорица просекот е 2.000 евра

503

Интересот за недвижности во Црна Гора и тоа не само на приморјето, од година во година расте, па сега како што оценува Одборот за градежништво на Стопанската комора, побарувачката е поголема од понудата. Тоа е и главната причина за вртоглавиот раст на цените на становите, со што тие не се достапни за сите граѓани, туку само за оние со подебел паричник.

-И додека ние сонуваме за Европа, европските стандарди, барем во цените на недвижностите, одамна ги достигнавме. Сепак, Европа доживеа поевтинување на становите, но не и ние, оценува Јавниот сервис РТЦГ.

Цените на становите во најголемите црногорски градови продолжуваат да растат. Како што најавува пазарниот аналитичар Дарко Ѓикановиќ, во изминатото тримесечје тие во просек растеле по три проценти, а лани 13 проценти.

Во главниот град Подгорица цените на квадратот забележале квартален раст од три отсто, со што за првпат просечната единечна цена достигнала 2.000 евра.

Цената на квадратот линеарно растела од север кон југ. Но и тоа е сменето, па освен големата побарувачка на станови во Подгорица и на море, најпопуларен стана и Колашин, каде што според агентот за недвижнини Тихо Радуловиќ, квадратот чини 1.500 евра, но достигнува и до 3.000 евра.

На брегот на Херцег Нови, Котор и Улцињ, има нешто поголем раст на цените во однос на Бар, Тиват и Будва, каде што цените останале стабилни. Значаен раст има во регионот на Цетиње, додека во Никшиќ е забележан благ пад.

Експертите сметаат дека оваа состојба ќе потрае сè додека има странци кои купуваат станови. Според агентите во последните три-четири месеци намален е бројот на купувачи од Русија и Украина, а во агенциите најмногу доаѓаат Турци, пред сè за изнајмување на станови и деловен простор.

Според „Монстат“, во 2023 година во Црна Гора се вкнижени 365.139 станови од 632.083 жители, што е за околу 50.000 станови повеќе во однос на претходниот попис во 2011 година.