– Доколку дојде иницијатива од градоначалниците, јас сум подготвен да разговарам со нив. На почетокот најавив една инцијатива за градски воз и мислев дека ќе ја поддржат од Град Скопје, но не се случи тоа. Јас ќе го направам тоа и сметам дека градскиот воз многу ќе го растовари сообраќајниот метеж – истакна министерот за транспорт, Александар Николоски
Периодов, социјалните мрежи се полни со поплаки од граѓаните дека не можат навреме да стигнат на работа и до саканата дестинација, бидејќи автобусите се нередовни. Ги чекаат и по два часа на автобуските постојки. Поради ваквата нефункционалност на градскиот превоз, Владата, најверојатно, ќе му ги одземе ингеренциите на Град Скопје и над јавното сообраќајно претпријатие.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, во телевизиска изјава вели дека треба да разговараат за таа опција на владина седница и да се разгледаат кои се најдобрите модалитети.
– Доколку дојде иницијатива од градоначалниците, јас сум подготвен да разговарам со нив. На почетокот најавив една инцијатива за градски воз и мислев дека ќе ја поддржат од Град Скопје, но не се случи тоа. Јас ќе го направам тоа и сметам дека градскиот воз многу ќе го растовари сообраќајниот метеж – рече Николоски.
Вчера, градоначалниците на скопските општини испратија барање до Владата и до Министерството за животна средина за започнување постапка за расформирање на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и нивна поделба по општините. Воедно, сè до завршувањето на постапката за распределба, Владата да постави владини повереници во овие две јавни претпријатија.
По состанокот, од сите градоначалници едногласно беше изнесено дека секаде преовладуваат проблемите со доцнењето на автобусите, нехигиената, односно нефункционирањето практично на сите јавни претпријатија. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, појасни дека ваквото решение ќе биде трајно и ќе значи распределба на вработените и на механизацијата од претпријатијата по општините, кои сами ќе се грижат за хигиената и за зеленилото и оти на тој начин сервисирањето на услугите ќе биде поекспедитивно и поефикасно. Но, како ќе го поделат ЈСП, останува нејасно.
Откако реагираа градоначалниците на скопските општини за општиот хаос што владее во метрополата, од Град Скопје реагираа со соопштение и го повикаа премиерот Христијан Мицкоски наместо да нарачува и да се крие зад партиски соопштенија полни со клевети, да престане со две и полгодишната деструктивна политика на целосна блокада на главниот град, преку неговите управни одбори и советници.
– Ако толку се грижи за градот и за скопјани, на следниот совет, наредбата наместо да се блокира, да биде да гласаат за спроведување на проектите што заедно им ги ветија Арсовска и Мицкоски на граѓаните – потенцираа од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека Мицкоски можел и сè уште може, ако сака, да им овозможи на скопјани нови автобуси, нови контејнери, нови машини за собирање смет, повеќе комунални работници, нови зелени површини.
– Сè што треба да направи за да го одблокира градот е да им испрати СМС-порака на своите експоненти во градот да работат во корист на граѓаните, а не на партијата – децидни се градските власти.
Од Град Скопје забележаа дека Владата, четврта година по ред, ја нема платено обврската кон ЈСП за студентскиот стандард.
– Наместо тоа, еве сега има можност да плати рата за автобусите на Шилегов, за кои ВМРО-ДПМНЕ гласаше да ги набави тој – децидени се од Град Скопје.
(А.П.)