Вакво нешто на Балканот не памети: Што е причината за електричниот колапс во регионот?

2054

Се уште не е позната точната причина за масовниот прекин на струја во регионот, кој доведе до тотален колапс во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија, но во медиумите се појавија шпекулации дека падот започнал во мрежата во Црна Гора, а потоа се прошири и во другите земји од регионот.

Во Црна Гора моментално струја имаат само Пљевља и Жабљак, додека цела Далмација остана без струја. Како што дознава далматинскиот портал, во Црна Гора дошло до дефект на системот, поради што и Далмација останала без струја. Во Црна Гора, земја со која Хрватска е мрежно поврзана, набрзо и таму дошло до пад на системот, како верижен ефект и во Далмација. Цел Сплит е без струја од 12.30 часот.

Црногорскиот ЦЕДИС соопшти дека снемало струја поради прекин на мрежата на црногорскиот електропреносен систем (ЦГЕС).

Електростопанство на БиХ за порталот Кликс изјави дека причина за прекинот на снабдувањето со електрична енергија е прекин на далноводите во регионот и пренесување на нарушувања во системот на БиХ.

Во тек се активности за воспоставување на системот, пренос на напонот до хидроцентрали и термоелектрани и координирани активности со НОС БиХ за вклучување на високонапонски мрежни објекти во БиХ и нивно поврзување со соседните системи.

„Сè уште не ја знаеме причината, но целиот електроенергетски систем згасна. Правиме се со цел објектите во термоелектраната во Тузла да бидат безбедни“, изјави за Klix.ba Фуад Муминовиќ, директор на термоелектраната во Тузла.

Како што неофицијално дознава Хина од хрватскиот преносен систем, дошло до дефект на електричната мрежа низ три земји – прво почнало во Црна Гора, потоа прекинот на струја ја зафатил Босна и Херцеговина, а потоа дел од Хрватска – цела Далмација, се до Риека, наводно до трафостаница Бриње.

Според Хина, никогаш немало дефект на електроенергетскиот систем во три држави. Причината се уште не е позната, засега се шпекулира дека потрошувачката скокнала поради високите температури, а системот во еден момент паднал.