Уживање за сите генерации на театарскиот спектакл на отворено

30

Оваа манифестација секоја година ја збогатува понудата на културно-уметнички настани во Скопје. Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и во други културно-уметнички перформанси. Манифестацијата ќе започне со театарски спектакл на француската театарска група „Compaigne des quidams“, која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет, со дефиле, кое ќе започне од Музејот на Град Скопје, низ улицата „Македонија“, плоштадот „Македонија“, преку Камениот мост, па сè до паркот „Ибни Пајко“. Ќе кулминира со видеомапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“

На десетина локации низ Скопје, в сабота, по 20. јубилеен пат ќе се одржи манифестацијата „Бела ноќ“, која претставува симбол на културно-уметничкиот живот на скопјани. Со низа активности, оваа манифестација секоја година ја збогатува понудата на културно-уметнички настани во Скопје. Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и во други културно-уметнички перформанси.

Централната манифестација ќе започне со настап на француската театарска група „Compaigne des quidams“, која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет, со дефиле и спектакл на отворено, кој ќе започне од Музејот на Град Скопје, низ улицата „Македонија“, плоштадот „Македонија“, преку Камениот мост, па сè до паркот „Ибни Пајко“.

Овој настан ќе се одржи и по повод одбележувањето на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје, а во тесна соработка со манифестацијата „Бела ноќ“, со почеток во 20:00 часот. Притоа ќе биде прикажана извонредната претстава „Сонот на Ербер“. Пет обемни фигури, високи четири метри, на познатата театарска група од Франција, низ волшебна музика, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото. Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот од настапот на гостите од Франција, на фасадата на „Ибни Пајко“ ќе биде прикажан видеомапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.

Покрај театарскиот спектакл, ќе се одржи и концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на таа локација, а на „Школка“ во Градскиот парк ќе се одржи поп-рок концерт на „Култи Ватор“. Во клуб-ресторанот МКЦ ќе може да се проследи меѓународниот фестивал на електронска музика со настап на диџеј Томи Бојаџи (Македонија), диџеј Dee (Србија), диџеј Geri Kacerija (Албанија), како и на видеоартистот Петар Џон.

Под браната Матка ќе се одржи „Ехо-фестивал“ на планински филм, со ноќно кино на кое ќе се прикажуваат победничките филмови од минатите изданија. Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе се претстави со „Осветлено илуминирано урбано наследство“, во куќата на ДЛУМ („Илинденска“ бр. 63).

Во „Лабораториум“ ќе се одржи мултимедијален „микс“ на културни и на уметнички изразувања што ги отелотворуваат духот на Скопје и неговата креативна заедница, под наслов „Стоногалка“, а во кафулето „Излет“ ќе биде поставена изложба на постери илустрации и стрипови на Славица Купенкова.

Низа активности и настани ќе понудат и културните институции во Скопје, па така во библиотеката „Браќа Миладиновци“ – социјални игри за раскажување приказни, во Музејот на македонската борба – изложба „100 години од смртта на Арсени Јовков“, изложба „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“, изложба за жените во македонската историја под наслов „И тие се херои“.

Во Културно-информативниот центар, КИЦ, изложба на слики „Еffortles“, групна изложба на фотографии на „Зрно фестивал“ „Танцот на фотоните“, групна изложба по повод наградата „Борко Лазески“ со „Резонанца“, концерт на Ана Мазнејкова на пијано, под наслов „Годишни времиња“.

Во националната галерија „Даут-пашин амам“ – изложба „Сенки во облаците“ на Емил Шулајковски, јубилејна изложба по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски. Во Музејот на современа уметност – самостојни изложби на победниците на 14. меѓународно биенале на млади уметници, изложба на Серхат Емрулаи со инсталацијата „Се селиме на нова локација“, изложба на Наџа Крачуновиќ „Во име на мајка, во презиме на татко“, изложба (исцртување на ѕидови) на Дан и Лиа Пержовски.

Во Домот на културата „Кочо Рацин“ – изложба под наслов „Бескрајна приказна за една точка“ на Марија Чепишева. Во Македонскиот народен театар, МНТ, театарска претстава „Кец на десетка“. Во Детскиот културен центар Карпош, ДКЦ, натпревар „Инструменти на моите предци“ и ликовна изложба, а во Кинотеката на Македонија – проекција на филмот „A Bucket od Blood“ од Роџер Корман.

Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите.

Настанот е во организација на ЈУ „Универзална сала“, a е финансиран од Град Скопје.

(А.П.)