Битолската зоолошка градина остана без една од двете кафеави европски мечки. Станува збор за мечка која имала над 35 години и како што велат од Зоолошката градина, од обдукцијата било констатирано дека причина за смртта е старост, а не болест.
Веста за угинувањето на мечката прв ја објави Леонардо Соколов, активист за заштита на животните и животната средина. Тој вели дека оваа институција ја следат низа скандали низ текот на годините наназад.
– Пробуваат да сокријат што точно се случило во зоолошката, каде што фалат голем дел од животните кои беа сместени во неа. Животните со децении се чуваат како затвореници, во крајно нехумани услови, во мали кафези, без потребната нега, умираат едно по едно, а зоолошката продолжува да зема нови животни – вели Соколов.
Мечката која беше станар 40 години во битолската зоолошка, живееше во 10 квадратни метри кафез, со базен кој никогаш не видел вода.
– Угина мечето кое се радуваше кога некој ќе му посветеше внимание, кое се радуваше кога ќе беше прскано со црево вода. Угина во заробеништво, во измачување, сама, остана само празниот кафез кој секогаш ќе говори за измачувањето на мечето. Дали ветеринар извршил преглед, дали ветеринар пробал да ја спаси, дали умрела од старост – прашува Соколов.
Според него, целата работа во зоолошката, ја извршуваат неколку вработени кои конец со конец врзуваат за да се справат со сите животни. Вели дека зоолошката нема доволно негуватели, нема ветеринар кој постојано е во зоолошката, кафезите се премали, животните живеат во фекалии, се мачат сè додека не умрат, дали од старост или од болести кои ги фаќаат како резултат на нехигиенски живеалишта
– Моментално, зоолошката ја красат неколку празни кафези, кои некогаш беа полни, и говорат за измачувачкиот живот на животните кои биле заробени таму, но сигурен сум дека наскоро повторно ќе се наполнат – рече Соколов.
(С.Бл.)