На Олимписките игри во Париз се одржаа многу интересни натпревари во таеквондо, но за жал на нас, Македонците, нашата земја остана без адут за медал.
Имено, таеквондистката Милјана Рељиќ ја заврши својата олимписка авантура во второто коло на турнирот до 57 килограми за жени, откако беше минимално поразена од Либанката Летиција Аун со 9:8, 6:6.
Во првата рунда имаше целосна драма. Македонката поведе со 3:2, Либанката возврати за 4:3, а на крајот од рундата беше 9:8 за Аун и водство од 1:0 во рунди. Втората рунда донесе сличен епилог. Започна жестоко на двете страни и на почетокот резултатот гласеше 1:1, откако двете добија по еден казнен поен. Во продолжението од рундата, Либанката направи значајна предност и поведе со 4:1, но нашата Релиќ не се предаде и намали на 4:3. До крајот на втората рунда, противничката имаше поголема концентрација, па рундата заврши со 6:6, иако нашата имаше неколку обиди во последните секунди да ја добие рундата, но не успеа.
Поради триумфот во првата рунда, Летиција Аун се пласираше во полуфиналето.
Нашата таеквондистка не дојде ниту до репасаж за борба за бронзата, бидејќи по само неколку часа од нивата борба, Аун загуби убедливо и не дојде до пласман во финалето.
– Бевме одлично подготвени, ги слушавме советите на тренерот, ја поминавме првата рунда. Во борбата со Либанката ми недостигаше малку спортска среќа. Не застануваме тука, продолжуваме кон нови и поголеми успеси – изјави Мила за сајтот на Македонскиот олимписки комитет.
Нејзиниот тренер, Александар Ефтимов, беше задоволен од прикажаното.
– Не освоивме медал, но ја обединивме Македонија, падна двократната олимписка шампионка, Џејд Џонс – додаде тренерот Ефтимов, кој не го криеше задоволството да се биде дел од најпрестижниот турнир во нивните кариери.