За овозможување на непречен почеток на новата грејна сезона во Скопје разговараа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, и новоназначениот генерален директор на ЕСМ, Лазо Узунчев.

Во присуство на членовите на РКЕ и дел од раководството на ЕСМ се разговараше за активностите на кои компанијата ќе се посвети за да се обезбеди сигурна, стабилна и непречена испорака на топлинска енергија.

Набавката на природен гас е клучен елемент во регулаторната одлука за цената на парното, посочи претседателот Бислимоски, за што директорот Узунчев информира дека конкурентноста ќе биде приоритет со цел да се обезбеди цена на овој енергент, која ќе резултира со намалени трошоци за производство на топлинска енергија.

Во исто време се разговараше и за цевководот под мостот „Беласица“ да се стави во функција за што се преземаат соодветни чекори и во иднина новиот топловод и просторот ќе се обезбедат соодветно за се намали ризикот од повторување на случајот со опожарување на цевките.

Во однос на состојбата со електрична енергија директорот Узунчев најави дека ќе спроведе серија активности со кои ќе се оптимизираат трошоците на работа, а во исто време ќе се фокусираат кон зголемување на производството на електрична енергија, извести РКЕ.

Претседателот Бислимоски предложи да се направи анализа за концептот откуп на домашно произведената струја од новите производителни на електрична енергија од фотоволтаични централи во транспарентна постапка со цел да се добие поевтина цена на струјата и да се заштедат акумулациите.

Грејната сезона вообичаено почнува на 15 октомври, но не пред 1 октомври доколку средната надворешна прогнозирана температура е еднаква или пониска од 12 Целзиусови степени.