Ако сте родител на некое идно „прволаче“, сигурен сум дека досега сте прочитале многу текстови на оваа или слична тема, а притоа, очекувајќи го тој празничен или славен 1 септември, можеби дури и сте гледале видеоматеријали за да си помогнете да ги дочекате и издржите тој ден и претстојниот период херојски, храбро и со што помала напнатост и грижи.
Но, дали постои некаков волшебен рецепт за тоа како успешно да „подготвите“ прваче?
– Како што се намалуваат деновите пред почетокот на училишната година, знам дека така расте и возбудата кај родителите. Познати ми се прашањата што ве мачат откако се поздрави вашето дете со градинката. Дали моето дете е подготвено за поѓање на училиште? Дали ќе успее да се вклопи во новата средина? Дали ќе биде прифатено од другарчињата? Дали ќе успее да се снајде?…
Последните месеци, на социјалните мрежи ми излегоа еден куп „подготвителни часови“ за првачињата и се чудам како ќе успеат да ги „подготват“ тие дечиња за само неколку месеци. Драги родители, верувале или не, но подготовката на дечињата за поаѓање во прво одделение трае дури пет години. Ако очекувате магичен рецепт за брза подготовка, тогаш морам да ве разочарам – таков рецепт не постои.
Би сакала, како долгогодишен одделенски наставник, да ви кажам што очекувам јас од вашето дете кога ќе влезе во мојата училница. Најпрво и најважно е домашното воспитување на учениците. Ученикот да знае да поздрави и да отпоздрави, да знае културно да се однесува, да користи зборови како „благодарам“, „те молам“, „извини“… Самостојно да оди во тоалет и да ги почитува основните хигиенски навики.
Како наставник, воопшто не очекувам дететто во прво одделение да знае да чита и да ја знае азбуката, доволно е да може да препознава букви (и не мора) и да знае да си го напише своето име. Тоа е процес што е многу позабавен кога го поминуваме сите како група.
Она што е многу важно, постојано да им читате и да им раскажувате приказни, на тој начин тие се учат да ја восприемаат содржината, самостојно да раскажуваат и да се изразуваат со целосни реченици. Верувајте, сме имале ученици што, за жал, во прво одделение прв пат се сретнале со книга за деца.
Да ги знае боите, просторните односи, да знае да брои до 10 – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР одделенскиот наставник во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стојаково, Тодорка Пачиколева.
Таа додава:
– Да се посвети многу внимание на правилниот изговор на зборовите, јасно и чисто да разговара и да се изразува правилно граматички. Доколку не ги изговара правилно гласовите или зборовите, задолжителна е посета на логопед. Она што треба да го знае е датумот на своето раѓање, да ги знае своите име и презиме, имињата на родителите и улицата на која живее. Научете го детето секогаш да ги почитува повозрасните, ако почитува авторитет во домот, нема да има никаков проблем да ги почитува и да ги следи правилата во училиштето.
Низ годините, сфатив дека е најважно да ги учиме децата да бидат добри луѓе, да бидат добри другари, да бидат подготвени дека ќе се сретнат во училиштето со многу поразлични од себе, и на изглед и во однесувањето, и дека треба да го прифатат тоа без осудување, без исмевање, дека, можеби, нема сите да изгледаат исто, нема сите да бидат облечени по најнова мода, нема секогаш да имаат нов прибор и дека тоа е нешто што е најмалку важно. Научете ги да се почитуваат, да се сакаат, помагаат и да се дружат со секого.
И за крај одговор на сите прашања: сите деца ќе научат сè, но секое во свое време и на свој начин, сите ќе се приспособат на новата средина и на новата наставничка, но повторно секој во свое време. Од срце да ви го честитам моментот на големата среќа, бидејќи вашето дете тргнува на училиште и започнува нова животна авантура!
Овој текст ме предизвика, како новинар, и јас да се потсетам на времето кога тргнував во прво одделение. Иако беше тоа одамна, уште ми се јасни сеќавањата на првото влегување во училишниот двор на ООУ „Петар Петрвовиќ-Његош“, кое, за жал, беше разурнато во земјотресот, а на негово место „никна“ новото училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. Ја чувствувам сè уште топлата рака на учителката Милка Секуловска, која ме погали мајчински по косата и ми го покажа местото каде треба да седнам. Се враќам за момент во моето време и не се сеќавам дека моите родители го имале она чувство на неизвесност и страв што се забележува кај денешните родители или, пак, не го видов тогаш тоа во нивните очи. Немаше тестирање како денес, а кога се вратив од училиште, мајка ми само ме пречека со насмевка и ме прегрна. Затоа, размислете што ќе направите кога ќе се враќа вашето прваче од училиште. Дали прво ќе го погледнете и ќе му се насмевнете или веднаш ќе го прашате: „Како беше на училиште, дали ги знаеше сите одговори, дали беше најдобар?“
Љ.АЛЕКСОВСКИ