EPA-EFE/ALI HAIDER

Tајсон Фјури го доживеа првиот пораз во кариерата на 18 мај годинава, во Саудиска Арабија, против Александер Усик, во борбата за апсолутен светски шампион во тешка категорија. Речиси еден месец подоцна, Џипси Меџик им се врати на тренинзите и ги започна подготовките за реваншот, кој треба да се одржи на 21 декември, во Саудиска Арабија.

И додека Усик слави што стана апсолутен шампион, прв по 25 години, Фјури имаше неколку недели одмор, кога беше прилично опуштен. Сепак, денеска се врати во вежбалница и веднаш испрати порака до својот голем ривал.

  • Во боксот зедов сè: титулите, рекордите, многу нешта, но никогаш не морав да се враќам од пораз. На 21 декември, во Ријад, во срцето на кралството, кралот ќе го врати својот престол и ќе стане апсолутен шампион на светот! Усик, доаѓам по тебе! Подготви се за мене! Знам што треба да направам. Ги анализирав моите недостатоци – порача Фјури.

Промоторот на Александер Усик, Алекс Красјук, по овие зборови, реши да го „пецне“ Британецот. Пред неколку дена, се појави снимка како го исфрлаат Фјури пијан од кафеана, па Украинецот му напиша: „Брате, да одиме на пиво“.

Наводно, за првата борба Фјури зел дури 150 милиони долари. Заработката беше поделена 70:30 во корист на Британецот, кој не сакаше да се согласи за борбата поинаку.

Што се однесува до реваншот, Усик ќе заработи малку повеќе пари. Како шампион, ќе добие 60 отсто од заработката, а Фјури 40 отсто.

Украинецот е непоразен во професионалната кариера и моментално има 22:0, додека Фјури, во 36 борби, има 34 победи, едно реми и еден пораз.