По пауза од цели 35 години, трката за Големата награда на Холандија ќе се врати во календарот на Формула 1. Според последните информации, легендарната патека „Зандворт“ ќе биде домаќин на најбрзите болиди од 2020 година. Оваа патека последен пат беше домаќин на трка во Ф1 во 1985 година, а организаторите на социјалните мрежи се пофалија дека повторно се враќа патеката во календарот на најпрестижното натпреварување.

  • Од почетокот на нашиот мандат во Формула 1 рековме дека сакаме трки на нови места, но и дека сакаме да ја почитуваме историјата на ова натпреварување, истакна извршниот директор во Ф1, Чејс Кери.

Имено, своја улога за враќање на оваа патека има и пилотот на Ред Бул, Холанѓанецот Макс Верстапен, откако според некои проценки, раководните лица одлучиле дека „Зандворт“ ќе биде масовно посетена за време на трките поради својот миленик.

„Зандворт“ беше домаќин на 30 трки во периодот од 1952 до 1985 година во најбрзиот циркус на денешницата. На неа најуспешен е Џим Кларк со четири победи, додека Џеки Стјуард и Ники Лауда триумфирале по три пати.

Патеката до сега не е премногу успешно реновирана, а Верстапен ја испроба минатата сезона и делува дека не ја задоволува ниту минималната сигурност на возачите. Но, организаторите ветуваат дека тоа ќе се промени во текот на наредната година.