“Вистинити сме само ако се сомневаме во вистината. Ние луѓето немаме вистина, туку само трагаме по вистината“, посочи лауреатот Мирчеа Картареску на годинешново 9. издание на фестивалот „Про-За Балкан“, во рамките на тркалезната маса на тема „Литературата во време на пост-вистината“ која завчера се одржа во Europe House Skopje. Картареску дополни дека темата го допира најважниот филозофски проблем кој ние луѓето го имаме, а тоа е која е врската меѓу реалноста и вистината…

Секој од учесниците на тркалезната маса и воедно гости на “Про-за Балкан“, Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Гојко Божовиќ, Оливера Ќорвезироска, Калин Терзиски, Дијана Матулиќ и Андреј Хочевар го споделија своето видување на темата.

Така, по однос на врската меѓу вистината и кажувањето фини приказни наспроти непријатни, хрватскиот писател, сценарист и колумнист Анте Томиќ, даде пример со актуелните настани на поделеноста на ваксери и антиваксери. “Ми се чини дека луѓето сакаат да веруваат во намерна лага. Верувате дека некоја невидлива сила направила вирус и некој тоа го менаџира и ги надгледува нашите животи. Мислам дека е атрактивно да се верува во такви теории на заговор, затоа што му дава смисла на хаосот и некаков ред“, рече Томиќ.

На темата се надоврза и Јерговиќ: “Морам да признаам дека малку сум сензитивен на ова време на пост-вистина. Ни се случува инфантилна неволја на денешното општество. Присилени сме да дебатираме за нешто за кое е бесмислено да се дебатира. А тие дебати во ова време на пост-вистина се токму такви, дебатираме за тоа дали каменот е тврд. Затоа таа пост-вистина е вознемирувачка особено во литературата…“.

Ќорвезироска рече дека вистината во литературата не ѝ е некоја неопходност, ја гледа како квасец, како маја за нешто што подоцна го прави. Романската авторка на поезија и проза, како и книги за деца, Јоана Николае, пак, додаде дека литературата е токму местото во кое таа ја симнува својата маска, каде што е најслободна и каде живее и токму и затоа пишува за деца.

Српскиот поет, есеист, литературен критичар и издавач Божовиќ, се осврна на атмосфера на естрадизација: “Денеска сме сведоци на постоењето на т.н. таблоиден човек кој не верува во никаков авторитет, ниту во научни факти, апатичен е и често одбива било каков дијалог. На политичко поле е збунет, а во економска смисла е егоистичен потрошувач. Идеолошки, тоа е еден популист, најчесто радикален и особено во големите градови гледаме многу вакви примери“.

За литературниот агент и издавач Хочевар “секое пишување има своја вистина“, а за Матулиќ “Литературата е една од активностите што вклучуваат многу повеќе вистина од оваа конкретна реалност што ја живееме“.

Тркалезната маса беше отворена од основачот на фестивалот Дејан Трајкоски, а гостите ги поздрави заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало, кој рече дека темата е истовремено литературна и политичка, особено во ова време кога сме изложени на огромен број информации, но и дезинформации.