Tаксистот Славчо Цариќ бесплатно вози стари и изнемоштени лица

1137

Превозот го врши секој ден во периодот од 7 до 10 часот. За ваквиот гест тој вели дека нема некоја посебна причина, туку едноставно сака да даде свој придонес за општеството, посебно на Општина Центар.

– Поттикнат сум од хуманите активности на Општината Центар и на градоначалникот Саша Богдановиќ, со кои покажуваат дека се грижат за своите граѓани, жители. Општината Центар ми помогнала кога ми било најпотребно и сега сакам на некој начин да возвратам – изјави Цариќ за весникот ВЕЧЕР

 

Меѓу граѓаните кои во оваа тешка ситуација, кога секој стрепи да не заболи од коронавирусот, има и такви кои несебично ја нудат својата помош. Еден од нив е и таксистот Славчо Цариќ, кој живее во општина Центар, на улицата „Мајка Тереза“ (поранешна Водњанска), спроти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој како лиценциран индивидуален таксист нуди бесплатен превоз на старите и изнемоштени лица од територијата на општина Центар.

– Превозот го вршам секој ден во периодот од 7 до 10 часот и тоа на стари и изнемоштени лица до маркети и здравствени установи – изјави Цариќ за весникот ВЕЧЕР.

За ваквиот гест тој вели дека нема некоја посебна причина, туку едноставно сака да даде свој придонес за општеството, посебно на Општина Центар.

– Поттикнат сум од хуманите активности на Општината Центар и на градоначалникот Саша Богдановиќ, со кои покажуваат дека се грижат за своите граѓани, жители. Општината Центар ми помогнала кога ми било најпотребно и сега сакам на некој начин да возвратам – вели Цариќ.

Оваа хуманитарна активност тој ја спроведува од понеделникот и функционира веќе пет дена.

– На почетокот постоеше неверување кај луѓето, тоа го примаа со резерва и прашуваа дали е вистина дека бесплатно превезувам. Но, сега веќе се научија. Има интерес, луѓето се јавуваат. Имам 12 повици овие пет дена. Тоа се најчесто луѓе на возраст од 65 до 70 години кои немаат никого дома, па мораат сами да се снаоѓаат да ги купат основните намирници. Тие бараат да ги однесам најчесто до маркет, пред сè до „Тинекс“ во населбата Капиштец или до маркетот „Кам“ до Дебар Маало  – раскажува Цариќ.

Тој вели дека во овој момент воопшто не размислува за загубата.

– И така нема многу работа, посебно сега кога е лоша состојбата со оваа нова болест што ја предизвикува коронавирусот, зошто да не помогнам, кога повеќе седам дома – објаснува Цариќ.

Тој вели дека по 10 часот вози по потреба и на повик од клиенти и дека во овие моменти ги почитува сите мерки на заштита.

-По  бесплатниот превоз продолжувам со редовните клиенти и повиците по потреба сè до полицискиот час. Има компании кои возат по полицискиот час, но имаат одобрени за тоа од МВР, а возат само до амбуланти, болници и тоа по претходно одредена рута, како што е дозволено и пропишано. Јас не сакав такво одобрение и затоа не возам за време на полицискиот час – истакна Цариќ.

Со такси дејност се занимава 27 години и од тоа и егзистира. Тој може да се повика на телефонски број 078/923-098 или на електронската адреса: slavco.caric@hotmail.com.

(А.П.)