Субвенциониран оброк во училиштата и целодневен престој во градинка од општината

26

Пред почетокот на новата учебна година Општина Кисела Вода повторно излегува со сет мерки за субвенционирање на социјално загрозените деца од училиштата и градинките од овој дел на градот. Оваа локална самоуправа ќе ги субвенционира месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во општинските основни училишта, а средства за субвенции се обезбедени и за целодневниот престој на деца од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки во општина Кисела Вода.

-Се работи за деца од еднородителски семејства и самохрани родители, деца сместени во згрижувачко семејство, деца под старателство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на  гарантирана минимална помош, деца од семејства со ниски приходи, материјално-необезбедени семејства, семејства чии вкупни месечни приходи не го надминуваат износот на минималната плата по вработен… – информираат од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека целта е да се креираат образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики.

– Покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, обезбедуваме и бесплатни ранчиња за сите првачиња, како и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта. Грижата за нашите деца не запира тука. Продолжуваме со имплементација на многу други проекти кои ќе ги објавуваме тековно. Општина Кисела Вода е посветена на создавање подобри услови за сите свои жители, особено за најмладите – изјави Ѓорѓиевски.

Сите критериуми и потребната документација за остварување на овие права ќе бидат достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода во наредниот период, кога ќе биде објавен и јавниот повик за аплицирање.