Кај децата доминираат стомачните вируси, придружени со дијареја, повраќање и со мало покачување на температурата, а кај возрасните почесто е ковид, според анализите на крвната слика, оти пациентите најчесто не се тестираат, изјави педијатарот Мира Атанасова за весникот ВЕЧЕР. Болните се жалат на ниска температура, најмногу до 38, назално зборување, гребење во грлото, главоболка и замор. Досега, Институтот за јавно здравје не информирал кој вид ковид го има во земјава, дали се работи за флирт, кој е детектиран во повеќе земји во Европа. Според епидемиолозите, овој вид коронавирус е послаба варијанта на омикронот

 

Изминативе десетина дена, скопските ординации се полни со пациенти од сите возрасти, но најмногу со деца. Во текот на една лекарска смена, се прегледуваат и по 50 дечиња. Лекарите укажуваат дека доминираат стомачните вируси, а на социјалните мрежи сè повеќе се дискутира дека повторно се враќа короната. Според последниот извештај на ИЈЗ, минатиот месец се регистрирани 25 нови случаи, а сè уште нема нови податоци од Институтот за последниве десетина дена.

Како што појаснува за весникот ВЕЧЕР д-р Мира Атанасова, педијатар и матичен лекар, кај децата доминираат стомачните вируси, придружени со дијареја, повраќање и со мало покачување на температурата. Се работи за стомачен вирус, кој е многу заразен, бидејќи ако еден од семејството го има вирусот, ќе се изредат сите членови. Според неа, има и по некој случај на голема кашлица.

– Кај возрасните, почесто е ковид, според анализите на крвната слика. Имаме искуство, слични се анализите на крвта како кај сојот омикрон, но Институтот за јавно здравје треба да го одреди типот за да знаеме за што точно се работи. Пациентите најчесто се жалат на ниска температура, најмногу до 38, назално зборување, гребење во грлото, главоболка и замор – вели д-р Атанасова и посочува дека овој пат вирусот се шири на работните места, во канцелариите, оти, како што вели, најголем број од пациентите кажале дека домашните се здрави, а на работа сите се болни.

За среќа, вели д-р Атанасова, овој сој на ковид е полесен, не дава тешка клиничка слика и пациентите се во добра здравствена состојба, се лекуваат во домашни услови, нема хоспитализации.

– Поминува за два до три дена, без последици. На пациентите не им препорачувам да земаат антибиотици, само додатоци за подигање на имунитетот: цинк, Ц-витамин и слично. Најголем број од заразените не практикуваат да се тестираат, а оние што го прават тоа, го купуваат тестот во аптека – дополнува д-р Атанасова и укажува дека овој период, поради одморите, има поголема раздвиженост на населението, па можно е и да се зголеми бројот на инфекции.

За разлика откај нас, во соседството, во Србија и во Грција, има голем број заболени од коронавирус. Кај нив е евидентирана новата варијанта флирт, која, за среќа, е многу послаба варијанта на омикронот. Епидемиолозите утврдиле дека станува збор за комбинација од две подваријанти на коронавирусот.

Директорката на Институтот „Милан Јовановиќ- Батут“, Верица Јовановиќ, деновиве кажа за РТС дека податоците од регионот и од територијата на европските земји покажуваат дека има скок на бројот на заразени, особено во летните одморалишта во Грција и во Италија.

–  Кога е нашата држава во прашање, бележиме поголем број позитивни случаи, но тоа се само апсолутни бројки, кои не влијаат на промената на епидемиолошката слика, што би нè ставило во ризик сите, во овој момент –  смирува д-р Јовановиќ.

Пораст на бројот на заразени со новата подваријанта е забележан и во САД, Велика Британија, Холандија, но и во други европски земји. Засега не е познато дали ја има новата варијанта и во Македонија, оти ИЈЗ сè уште ја нема детектирано.

Главните симптоми на новата варијанта се: зголемена телесна температура,
кашлица, болка во зглобовите и во мускулите, затнат нос, главоболка и премаленост, но сè поминува за два до три дена, без последици.

(В.Ма.)